Руна Светликова од Белгија е годинашен добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО, беше соопштени на денешната прес-конференција.
Руна Светликова (Белгија, 1982) е поет, писател и графички дизајнер. Дебитирала во 2014 година со поетската книга Оваа мека бела соба (Deze zachte witte kamer), за која ја добила наградата Херман де Конинк (Herman de Conink debute prize 2015) за дебитантска книга, а била во најтесниот избор наградата К. Будинг (C. Buddingh Prize 2015), како и за Пернат (Pernath 2015), а во конкуреција е и за Поетската награда Џо Петерс за 2016 година (Jo Peters Poetry Prize 2016, April 2016). Редовно организира поетски читања и помали фестивали. Пишува на фламански јазик.
-Уште на прво прочитување се согледува дека Оваа мека бела соба е книга со строга композиција, дело на автор што има голема вештина и во самото пеење, но и во структурирањето на песните. Песните во оваа книга, иако можат да функционираат одделно, подредени во одделните циклуси коплементарно се надополнуваат, и како такви даваат ново рамниште на значења во една повисока структура. Оттаму се добива впечаток дека поетската книга на Руна Светликова е дебитантско ремек-дело, кое содржи зрели песни, кои навестуваат творечка појава што ќе биде неодминлива и во белгиската / фламанската литература, но и во целата европска, па и светска. Потврда за тоа е што оваа поетска книга веднаш се најде во потесните избори за најзначајните награди во Белгија и во Холандија, при што таа е веќе добитник на некои од нив – велат од СВП.
Зрелоста на нејзината поетика се огледа и во нејзините размислувања за тоа кое е нејзиното место како творец. За неа поезијата е „средство за контрола над тоа што е неконтролибилно, со пенкало како оружје и лупа како штит“. Во творештвото тргнува од обични, навидум безначајни нешта, би се рекло, пишува за сѐ.
-Она што ќе го прочитам во списанија за психологија и наука, или нешто што ќе видам: еден човек во костум и жолти патики… Сепак, главното што ме инспирира се луѓето: слабостите и неврозите, убавина во грдотијата, смртта на татко ми… – изјави Светликова во една прилика.
Во нејзината поезија таа не бара одговори, туку начин како правилно да ги постави прашањата. Руна тежнее да направи јазик со кохерентна реалност. Таа користи полу-автобиографски детали во нејзината поезија со цел содржината во песните да биде поискрена. Песните на Светликова се лични во секоја смисла на зборот. Содржат еден сопствен идиом кој допадливо и пријатно е помешан со терминологијата од физиката и генетиката. Нејзината поезија осцилира меѓу значајното и бесмисленото. Нејзините повеќекратни потрети на „стварноста“ во одделните кои тргнуваат од нешто што е навидум значајно, суштинско, се превртуваат од аспект на бесмисленото во директните формулации со кои тоа се претставува. Врз едни такви комични позадини Руна го истражува отуѓувањето кое го чуствува детенцето при раѓање, тешкотијата да се одржи љубовта без да се знае дали воопшто таа и постои и потребата да му се вдахне глас на мртвиот татко.
-Руна Светликова е 13. лауреат на „Мостови на Струга“ и со тоа влегува во листата на млади поети, добитници на оваа престижна награда. Со нејзината креативност, автентичен и непоколеблив глас, таа и понатаму ќе придонесува во светот на поезијата – рекоа организаторите.
Претседателот на УО на Струшките вечери на поезијата, Славе Ѓорго Димоски истакна дека на неколкуте состаноци одржан во текот на март 2016 година, УО на СВП едногласно ја донесе одлуката за доделување на наградата.
–Наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитанска книга ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО. Во изминатите години се избори за високо место меѓу поетските награди на светско ниво и стана една од најпосакуваните награди на поетите – дебитанти, која широко им ги отвора понатамошните патишта на творечка афирмација. Тоа го покажа и годинашниот интерес за неа и на адреса на СВП пристигнаа 21 книга од 17 земји. УО и дирекцијата на СВП констаираа дека пристигнатите книги се со исклучителен квалитет и дека конкуренцијата за наградата во 2016 година е на највисоко од самото востановување на наградата, се вели во образложението.
Од пристигнатите книги по своите поетски остварувања се издвоиле книгите:
- Линли Едмеадес, Нов Зеланд – (Lynley Edmeades – „As the Verb Tenses“)
- Руна Светликова, Белгија – (Runa Svetlikova – „Deze zachte witte kamer“ – „Padded White Room“)
- Сара Елиза Џонсон, САД – ( Sara Eliza Johnson – „Bone Map“)
- Хуан де Фроно, Колумбија – (Juan de Frono – „El coro blanko“ – „The Blank Chorus“)
- Габриел Говеа Акоста, Мексико – (Gabriel Govea Acosta – „Noctario“)
-Беше контатирано дека сите книги се зрели остварувања на автори, со високи уметнички и естетски вредности. Управниот одбор одлучи наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга која ја доделуваат СВП во соработка со УНЕСКО да ѝ се додели на Руна Светликова за автентичниот поетски ракопис во Оваа бела соба. Поетската книга на Руна Светликова е дебитантско ремек дело кое содржи зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во Белгиската/фламанската литература, но и во целокупната европска, па и светска. Оваа награда ќе биде дополнителен поттик во нејзиниот творечки развој и придонес во распространување на поетските вредности на нејзиното творечко остварување за кое и е доделена, подвлече Ѓорго Димоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.