| четврток, 6 декември 2018 |

Андонов: Како судијата промени одлука за неколку часа, дали му е вршен притисок или го уценувале?

andonovИрационална и апсурдна е одлуката на судијата Јован Лазаревски, кој во само неколку часа судеше против своето сопствено убедување. Тој прво го отфрли барањето за претрес со образложение дека СЈО нема правна надлежност на предметот. Само неколку часа подоцна тој го разгледуваше барањето за притвор и реши по него.

За стручњаците е нејасно како дошло до ваква нагла промена на личниот став, но тврдат дека судијата должи одговори на јавноста.

Универзитетскиот професор Оливер Андонов во изјава за „Курир“ ја коментира ваквата одлука на судијата, но и однесувањето и работата на Катица Јанева.

– Треба да се соочи самиот со себе и со својата совест како е можно да во неколку часа промени одлука по ист предмет. Дали му е вршен притисок, дали некој му кажал што да направи или е уценет со нешто, тоа тој треба да си даде одговор зошто и како го прави тоа. И веднаш ќе се надоврземе на вториот аспект, а тоа е акција таканаречена. Тука нема случај, не постои случај. Очигледно е дека СЈО раководено од СДСМ политички бара причина за да може да направи случај. Ако се знае дека хард дискот се наоѓа кај Катица Јанева, дека сите податоци се достапни, каков случај бараат тогаш? Нема никаков случај. Има само желба за отворање на политички прогон, таканаречена стратегија на посреден пристап за да се пронајде било каква нитка, дамка за да се нападне поранешниот премиер Груевски. Ова е класична политичка борба, буквално класична политичка борба – вели тој.

Професорот презентира факти што цврсто ја побиваат целата суштина на акцијата.

– За волја на вистината, морам да кажам дека Горан Груевски лично го знам од времето кога работевме заедно во армијата. Се сомневам во тоа дека такво нешто би направил човекот, дека би уништувал нешто за да прикрие докази. Но уште повеќе претседателот на комисијата кој утврдил дека треба да се расклопува опремата и истата да се уништи подоцна, е унапреден во повисоко звање во МВР откако претходно дава лажна изјава, а се обвинува архиварка која со ништо не може да влијае бидејќи архивските броеви од 2013 не се истите што се и денеска. Можете да вршите антидатирање за ден, два, три недела, но секоја следна година за сите институции архивските броеви се различни. Книгата се затвора и се носи на страна. Дури има предмети што во тековната година нема потреба да се чуваат во архивата се преместуваат на друго место, во депо. Таа книга е затворена, тие архивски броеви се затворени, кој може во 2016 да врати назад 2013, три години нананзад. Тоа е невозможно – вели тој..

Жалба на одлуката на судијата на претходна постапка во врска со притворот за Горан Грујевски поднесе одбраната, потврдуваат од скопскиот Кривичен суд. Според постапката, жалбата веќе е испратена за одговор до Специјалното јавно обвинителство по што, Кривичниот совет има рок од 48 часа да донесе одлука по неа.

Стручњаците велат дека станува збор за чудна одлука на судијата Јован Лазаревски, особено ако се има предвид дека тој претходно го отфрли барањето за претрес со образложение дека СЈО нема правна надлежност за предметот. Во текот на вечерта, го разгледуваше барањето за притвор и реши по него. Што во тие неколку часа влијаело врз судијата да ја смени одлуката, сè уште нема информации.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top