| четврток, 6 декември 2018 |

Пијанистот Штефен Шлаермахер утре настапува на „Денови на македонска музика“

Во петок, (1 април), во Музеј на град Скопје, со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи Штефен Шлаермахер – пијанист од германија, во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“. 

На програмата за првпат во Македонија ќе бидат изведени значајни дела од некои од најважните композитори на XX век како Веберн, Штокхаузен, Месијан, како и од самиот пијанист, кој воедно е и композитор. Воедно, свои премиери ќе доживеат и две дела наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура – „Трите дијадни варијации“ од Јана Андреевска и „Младиот Оливие се спушта по улицата на ФИРОМ“ од Александар Пејовски, како и повеќепати изведуваната „Вечерен ѕвон“ од Гоце Коларовски.

Во состав на проектот се и неколку предавања-работилници: 

1 април 2016 (петок)

EУ Инфо-центар, 11.00

ПРЕДАВАЊЕ НА ТЕМА: „Композиција – случај или инспирација?“

2 април 2016 (сабота)

Мала сала, Факултет за музичка уметност – Скопје, 11.00

РАБОТИЛНИЦА со студентите по композиција на УКИМ Факултет за музичка уметност – Скопје

4 април 2016 (понеделник)

Мала сала, Факултет за музичка уметност – Скопје, 11.30

ПРЕДАВАЊЕ НА ТЕМА: „Интерпретативните предизвици при изведбата на музиката на 20. и 21. век“

Штефан Шлаермахер е пијанист, композитор, промотор на фестивали и концерти,  роден 1960 година  во Хале. Од 1980 до 1985 година студира пијано во класата на Герхард Ербер, композиција (со Зигфрид Тиеле, Фридрих Шенкер) и диригирање (со Гунтер Блумхаген) на Музичката академија „Феликс Менделсон Бартолди“ во Лајпциг. Во 1986/87 магистрира композиција во класата на Фридрих Голман на Академијата за уметности во Берлин, а во  1989/90 година и пијано во класата на  Алојз Контарски на Музичката академија во Келн.

Штефан Шлаермахер има концертирано како солист со Гевандхаус оркестарот во Лајпциг, Германскиот симфониски окестар во Берлин, Минхенската филхармонија, Оркестарот на романска Швајцарија и други оркестри под раководство на Владимир Ашкенази, Фридрих Голдман, Инго Мецмахер, Владимир Јуровски и Фабио Луиси. Записите на неговите дела се бројат во повеќе од 60CD-а (на пример, првата интегрална снимка на комплетните дела за пијано од Џон Кејџ) кај различни издавачки куќи како HatArt, Wergo, MDG.

Концертните турнеи го одведоа во голем број европски и јужноамерикански земји, како и во земјите на Далечниот Исток. Од 1988 година тој е одговорен за сериите musicanovaво Гевандхаус во Лајпциг, а следната 1989 го основа ансамблот Авангард. Од 1993 до 2000 год. тој го води Јануарскиот фестивал во Музејот за применети уметности во Лајпциг, како и годишниот фестивал Кланг Рауш во Мителдојче Рундфанк од 2000 до 2010 година.

Неговите доскорешни нарачки за композиции ги вклучуваат и „Кокаин“ за Операта во Бон (2004 година), оркестарските дела „Gegen Bild“ (2006 година) и  „Das Leuchten der singenden Kristalle“ (2009) за оркестарот Гевандхаус во Лајпциг, „Die Beschwörung der trunkenen Oase“ (2009) за Симфонискиот оркестар на  WDR, „Das Tosen des staunenden Echos“ (2009) за musikFabrik, Атараксија (2009 година) за RIAS Kammerchor, како и „Четирите пиеси за интерполација во Баховата Миса “ (2008) за музичкиот фестивал Киршен во Осло.

Во моментов, Штефан Шлаермахер работи на композиции за: Оркестарот Гевандхаус во Лајпциг, Академијата на Alte Musik во Берлин, оркестарот Français des Jeunes, оркестарот на Концертхаус во Берлин и за фестивалот „pélegrinage“  во Вајмар.

Наградите и стипендиите добиени од престижните Натпревар Гаудеамус (1985 год.), Награда Ајслер (1986 година), музичката награда Кранихштајн (1986 год.), наградата од Фондацијата на Кристоф и Штефан Каске во Минхен (1991 год.), стипендијата од германската академија на Вила Масимо во Рим (1992 година), Јапонската фондација за стипендии (1997 година), стипендијата наCitedesArts во Париз (1999 година) и одликувањето Витез на уметностите и литературата (Chevalierdesartesetletters, 2010 год.),  се секако дел од неговите досегашни достигнувања.

Проектот е финансиски поддржан од Гете институтот, Европската унија и Здружението-друштво за македонско-германско пријателство и соработка.

Влезот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top