Данте Алигиери, бил политичар. Колку да нема дилема, тоа е она типче што ја напиша онаа книга, со оној страшен наслов, која при бидејќи не ја прочитав во средно, ми донесе некој страшен знак во графата на дневникот за македонски јазик. Мала дигресија, подоцна дневникот изгоре, и страшниот знак топтан сосе оправдани/ неоправдани ојде у курац ( со извинење за госпожите) ама тоа, верувајте ми, е тема за епски роман во три продолженија…
Нa паметникот на Данте во центарот на Верона, нормално дека нема да го прочитате следново: Кога во родната му Фиренца неговите паднале од власт ( партијата на гвелфите или белите), Данте бил прогонет од градот. Во управата на градот – држава, Фиренца, имал функција на приор, што најопшто речено одговара на државен министер. Како емигрант живеел во повеќе италјански градови, пишувајќи ја својата „ Божествена комедија“. Помеѓу нив и во Верона.
Неколку години пред неговата смрт, кога на Данте веќе на големо му било излезено името како голем поет, властите во Фиренца сфатиле дека ќе биде паметно да си го приберат блудниот гвелфски син. Затоа и му дале амнестија на авторот на Божествената комедија. Амнестијата која му била доделена, во смисла на правен акт била во стандардната форма која ја добивале сите криминалци за кои што властите ќе оценеле дека заслужуваат прочка. Ништо повеќе. Поетот ( правилно, јас во голема мера сум на негова страна), гледајќи дека неговиот роден град го третира како арамија кој украл ќесе со дукати во пазарен ден од некој буцко наџиџан во смешна ренесансна облека, актот на амнестија го примил како лична навреда и си останал во емиграција. Смртта го затекнала во Равена. Да му е жив инаетот, таму си почива и ден – денешен.
За министерувањето на Данте напишан е еден интересен историски роман „ Заговор на третото небо“, од Џулио Леони. Преведен е и кај нас пред седум – осум години, мислам дека беше во издание на Култура. Во книгата, Данте Алигиери е главен лик, и добива задача да истражи едно убиство. Дури сме на муабет, најубавиот книжевен омаж за Данте го имам сретнато во „ Името на розата“ на Умберто Еко, кога Адисо вели дека никогаш не ја прочитал Божествената комедија, и нема намера тоа да го прави затоа што е напишана на простачки тоскански народен јазик кој не го разбира, и не му е во план да си го губи времето во читање на стиховите на некој апотекар. Имено, за да може да завземе државна функција, Данте морал да припаѓа на некој трговски или занаетчиски еснаф, па затоа формално му пристапил на еснафот на апотекарите, иако никогаш не се занимавал со таа дејност.
Како и да е, додека се моткав околу неговиот паметник, едно батуле ја побара за жена својата девојка. Холивудски стандард, клекнување на колена, прстен во опаковка, Кендис Бушнел како да го има пишано сценариото. Нормално девојката прифати, аплаузи и општа радост од страна на насобраните туристи, до в година деца да си крштавате… И така…
Мислам дека посоодветна локација за дешавки од овој вид е куќата на Јулија. Тоа е една малечка авлија, преполна со туристи, во која што е споменикот на шекспировата фам – фатал и нормално во улога на придружна туристичка активност се јавува дуќан за сувенири. Дуќанов со стандард понуда – шолји, магнети и фамозните катанци. Ако го купите катанецот, тогаш вашата љубов ќе ја заклучите за вечни времиња J Значи, збораме за катанецот купен од дуќанот што ат тхис моумент е лоциран во дворот кај Јулето, а не од Бит пазар или Дебојот. Пред тоа на горе – именуваниот катанец треба да си го напишете името на саканиот/ саканата.
Ако не ви се трошат пари ( македонскиот турист во принцип е чоек- домаќин, кој патува со сендвичи направени од дома, а поснаодливите ја пљачкаат шведската маса за време на доручекот и си прават залихи за тековниот ден) ви останува опцијата, срам – не срам, да си ја фатите Јулија за цицка. Се важи и за дечки, и за девојки. Да, постои верување според кое секој што ќе го направи ова, може слободно да си ја накриви капата, оти цел живот ќе го следи среќа. Не го направив ни едното, ни другото. Прво, ова со катанецот ми се види скроз во спротивност на филозофското учење на Ерос Рамазоти и Тото Котуњо, мислам – љубовта да се затвори в катанец? Финтата е љубовта да е слободна ф крај, нели?
Инаку јас за инает на сите просветлени душички кои и вон сезона на грип пијат чај од Занзибар, читаат брошурки од Далај Лама, и во животот стриктно се заинтересирани само за она духовното во човека, поштовам сувенирчиња кои претходно наведените адепти ги класифицираат како кич. Ама ете, овој катанецот ми се виде некако како лошо изведен концепт.
Ова со цицката, ем ми беше глупо да се лактам со толпа на туристи од сите возрасти, ем автентичната Јулија, доколку навистина постоела за што некои историчари имаат сериозен приговор, имала 13 – 14 години. Тоа ќе се брои во сексуален напад врз малолетничка, и остај кој ќе оди по затвори низ Италија. Добро, колегата Марко Поло бил, и тоа како воен заробеник. Во заточение ги издиктирал своите мемоари, насловени како „Милион“, а во македонски превод „ На дворот на Великиот Кан“. Своите доживувања му ги раскажувал на својот затворски цимер, во тоа време познат бренд за романси – Рустичело Да Писа. Да Писа во согласност на жанрот кој го негувал, инаку близок до она што во англо – саксонскиот свет се нарекува fantasy, малку го пролепшал делото. И така направил збунка за учениот свет кој до ден денешен се расправа што Марко Поло навистина видел, што слушнал како раскажување од други патници, а што Да Писа како солиден професионалец си измислил за да си ја испоштова публиката на која требало да и се понуди интересен текст… Инаку во бивша Југославија бевме горди дека славниот патеписец Марко Поло е со тогашната терминологија речено „ наше горе лист“, попрецизно дека мајка му била од Корчула. Во име на братството помеѓу двете нации редно е откако ја напишав претходнава реченица, како знак на добра волја некој хрватски патеписец да напише дека мајка му на Руѓер Бошковиќ по потекло е од Бистрица, битолско.
Покрај врнежливото& ветровито време, Американци, Французи и еден Македонец се врткаат на Плаца дела Ербе. Стандард туристичка атмосфера – некои се фоткаат, некои пазарат сувенири, некои не знаат што да прават со себе… Би купил веницијанска маска, ќе се најди може за први април, ама чуму влечкање илјада и кусурот километри, па и онака кај да е ќе ги донесат во Веро?
Без компас тргнувам низ една уличка, пет – шест минути одење и пред мене се појавува готичка црква. Света Анастасија. Две и пол евра за влез. Фер, а и онака му се спрема за врнење, па може човек малку културно да се воздигнува. Црквата е проектирана од страна на двајца доминикански монаси и нејзината изградба почнала во 1290 година. Финалната форма ја добила на почетокот на 16 век.
Туристичкото проспектче ја рекламира света Анастасија и како уметничка галерија, а не само како сакрален објект. И воопшто не лаже. Помеѓу многобројните фрески на светии, ктитори и скулптурите на дечиња со надуени обравчиња, се издвојува мермерниот столб за света вода, носен од грбавко. Во Италија постои верување дека допирањето на грбав човек носи среќа, а во локалниот фолклор грбавкото е некој вид на архетип за суеверен човек.
Римската арена ја оставам за наредниот пат. Секогаш оставам нешто значајно не видено, за да имам причина повторно да се вратам во градот кој што сум го посетил.
Грацијe миле за читањето.
P.S. Пицата изедена. Четири и пол евра. Спротивнo на тврдењето дека пиците во Италија не чинат, ова парче што јас го изедов во Верона беше навистина добро.
Константин Петровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.