| четврток, 6 декември 2018 |

Латас: Следен разговор што ќе се објави е за судијка од СЈО

Новинарите Ивона Талеска и Драган Павловиќ Латас поднеле барање за отворање кривична постапка за објавени разговори на „јутјуб“ од анонимно лице потпишано како Никола Тесла. Ова за „Пулсинфо“ го изјави Павловиќ-Латас.

-Самото поседување и објавување е кривично дело. Баравме од Специјалното јавно обвинителство да постапи според законот и да ги гони тие лица. Истрагата е отворена. Ќе видиме што ќе направат тие понатаму – изјави главниот уредник на Сител, Павловиќ-Латас, денеска по тричасовниот разговор со истражителите во СЈО.

– Верувам дека ќе направат тоа што треба. Таму има свесно објавување на приватни детали кои се монтирани, за да добијат сексуална или некава друга содржина, бидејќи оригиналот на разговорите не содејствува со содржината која е објавена. Според наши проценки, објавена е од лица кои имаат свои портали, лица кои порано биле функционери на СДСМ. Имаме и свое мислење, но и директни и индиректни докази за тоа. Ние немаме сатисфакција од сето ова, туку сатисфакција треба да има следниот кој би можел да биде објавен, бидејќи според нашите податоци, кои во неформален разговор ги кажал, постои разговор кој треба да компромитира судијка од СЈО, доколку СЈО не постапи така како што овие рекетари очекуваат – нагласи Павловиќ.

– Вие знаете дека се објавени разговори помеѓу Хари Костов и Бранко Бојчевски, како и на Муса Џафери со женско лице за кое се тврди дека е Ермира Мехмети, но јас не сум сигурен дека е таа. Има објавено од мене со Горан-Ѕинго, мој со Ивона Талеска и како што ви кажав едно од темпираните жртви е и судијка од СЈО. Повторно и тој разговор ќе биде сексистички. И нивен интерес е тоа да запре, а тие кои рекетираат да бидат законски третирани – вели уредникот на Сител, Павловиќ-Латас.

Запрашан дали очекува да биде повикан во СЈО во друго својство како дел од политичките „бомби“ кои ги објави опозицијата Павловиќ рече:

– Ако се држиме до она што Зоран Заев го објавува и најавува, а СДСМ го презема, можам да очекувам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top