Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски Иџе е подготвен за предизвикот што го носи новата сезона. Откако во претходните две години стигнуваше до титулата европски првак на ридски патеки, Стефановски од годинава влегува во многу посериозна конкуренција, во ЕТЦЦ шампионатот. Како дебитант во оваа силна конкуренција, Стефановски е максимално мотивиран и полн со самодоверба говореше на денешната прес-конференција.
– Конечно дојде и тој ден, сето она за што работевме во изминатите години сега да почнеме да го реализираме. Станувам дел од едно од најпрестижните натпреварувања, само едно скалило под светскиот шампионат и чест ми е што ќе бидам дел од него. Се се случи премногу брзо, немаме време да се адаптираме, но она што го направивме на последните тестови ни дава право да веруваме во добар пласман. Ова е ново скалило, нова дисциплина, целта е да освоиме што повеќе бодови, евентуално и да победиме на некоја трка. Во секој случај, тоа е мотив плус за мене како Македонец да ја претставувам што подобро нашата земја на патеките ширум Европа – изјави Стефановски на прес-конференцијата.
Мотив плус е и наградата на овој шампионат, првакот ќе добие можност да учествува во светскиот шампионат ВТЦЦ во 2017 година.
– На ридските патеки знам дека сум брз кога сум сам на патеката, веќе викендов ќе видиме како ќе се снајдам во таа гужва на стазата. Многу е поразлично од ридските патеки, а исто така и тестовите се едни, а трката е нешто сосема друго, но верувам во добар пласман и добри трки – дополни Иџе.
Стефановски е член на автоклубот Про Спорт и ќе вози под македонско знаме. Првата трка ќе се вози претстојниот викенд во Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.