Очекувате ли избори на 5 јуни?
Јакимовски: Очекувам, во спротивно, тензиите се големи и граѓаните ќе излезат на улица. Избори мора да има, никој повеќе не може да калкулира. Сите маски, сите лаги паднаа во вода, видовме дека од 500.000, па на 150.000, се спуштивме на 89.000 гласачи кои треба да се проверуваат, мислам дека веќе нема каде да бегаат и да одлагаат сите оние што одлагаа со избирачкиот список.
Го спомнавме избирачкиот список, чистењето, имавте прогноза за чистењето?
Јакимовски: Јас од пред месец и половина знам дека проблематични ќе бидат околу 86-87 илјади. Излегоа 89.700 гласачи. Тие со носот забиен во избирачкиот список дојдоа до истата бројка, па зошто овие пет месеци се тресеше државата за нешто што приближно сите го знаевме? Избирачите што ќе ги проверуваат се главно од албанска националност.
Да расчистиме – нема 150 илјади. Доаѓаме на половина, а од таа половина сега ќе се констатира колку се во ред и ќе видите дека на крај ќе останат околу десетина отсто проблематични, а тие десет отсто со ново чистење ќе се сведат на минимум.
Избирачкиот список се чистел и претходно.
Јакимовски: Пред секои избори ние, политичките партии, плаќаме по 150.000 денари и го добиваме избирачкиот список, си ги проверуваме своите членови, симпатизери и гледаме дали има нешто сомнително. Огромно прашање е како во пет изборни циклуси, секогаш СДСМ го добива списокот и никогаш не нашол забелешки, односно немало вакви аномалии какви што сака тој да прикаже. Сега наеднаш излегуваат аномалии. ГРОМ веќе посочи дека оној список што се даде во јавноста не е вистинскиот список, туку е манипулативен избирачки список со кој се сакаше да се создаде еден привид што не им успеа. Тоа е евидентно, и од тие причини СДСМ и не го чисти списокот секој месец, за да трае сѐ уште фамата дека избирачкиот список не е чист.
Никој во оваа држава не ги прашува Виолета Дума, Александар Новаковски, Борис Кондарко, или Рилковски, „Што правевевте сите овие девет години во таа ДИК внатре“, 1.300 евра плата имаат. Како може сега некој од вашата партија да каже дека вашата работа не била валидна, дека вие ништо не сте работеле досега?
Колку чистењето на списокот отвора нова можност за компликување и за натамошна црна кампања на опозицијата?
Јакимовски: Не може. Тоа ќе биде сведено на минимум, на некои 10-15 илјади, што значи дека нема теоретска шанса. Јас гарантирам дека со нови проверки тие ќе бидат занемарливи.
Вие бевте член на СДСМ. Дали некогаш се размислувало за „влада во сенка“? Еве, се отвори можност да се партиципира во власта, па седна Спасовски како министер за внатрешни работи.
Јакимовски: Се зборувало за тоа многупати, но не се одело на тоа затоа што ќе се испотепаат внатре. Тоа значи дека оној што би бил ставен како министер во сенка и сите негови ривали во партијата ќе се налутат, и ќе почне онаа стара сдсмовска навика да се оговараат и да се оцрнуваат и сопствените луѓе. Се почнува со црна кампања внатре во партијата и додека да се дојде до победа, тој ќе биде поцрн и од ѓаволот. Нема шанси да се победи со тие луѓе, не од политичката конкуренција надвор од партијата, туку во партијата.
Затоа ли од таа партија надвор излегува само барање за помош од меѓународната заедница, како една неодминлива мантра? Па има ли помош од неа?
Јакимовски: Граѓаните на овие избори треба да се судрат со два моќни концепти: едниот е самостојна независна суверена Република Македонија која се грижи за своите граѓани, за развојот на институциите и за нејзината меѓународна афирмација; и вториот концепт е да се дојде до победа и Македонија да се даде на странците, тие да управуваат со државата, тоа е концептот што постојано го бутка СДСМ. Ако не беше тој концепт, немаше да се случи територијалната поделба, или овие работи што ги имаме денеска.
Но, анализите покажуваат дека меѓународната заедница, по мене, не е од некоја помош туку напротив, секогаш кога Македонија ќе ја крене главата, тие нѐ удираат одозгора. Да потсетиме, Бадинтеровата комисија оцени дека само Македонија и Словенија исполнуваа услови од СФРЈ за самостојност. Таа иста меѓународна, односно европска заедница, ја донесе Лисабонската декларација со која ни стави брана да менуваме име, да менуваме знаме, и уште еден куп услови со кои нѐ блокираат на патот кон меѓународната афирмација на Република Македонија.
Но за среќа, тогаш државата имаше водство кое знаеше да го менаџира тоа, па од таа Лисабонска декларација целата енергија се насочи кон ООН каде што Македонија стана меѓународно призната држава.
Второто удирање по глава беше во 2001 година.
Сега Македонија покажа дека може да функционира без ММФ, покажува дека може без странските невладини организации. Македонија покажува дека може сама да заработи, да произведе, да продаде надвор, нејзината економија се стабилизира.
Овие тешки економски услови таа успешно ги преброди и почнува сѐ повеќе да се вклучува во меѓународната поделба на трудот. И веднаш доаѓа ново удирање по глава, тоа е ова што ни се случува од минатиот февруари наваму со помош на квислинзите од СДСМ.
Не можат да кажат дека Македонија има социјални потреси, дека луѓето трпат за леб, не можат да кажат дека економијата е неуспешна затоа што сите параметри покажуваат дека е меѓу водечките во Европа. Не сме на ниво на развиеност, но оваа криза ја минуваме поуспешно од нив. Развивме институции, Република Македонија трга напред, се бараат нови алтернативни патишта, доаѓаат странски инвеститори, и сега се јавува оваа политичка криза за да се дестабилизира повторно државата и да се дојде до водство кое повторно ќе биде закачено на цуцлата на ММФ, на Светска банка, да слуша и да исполнува сѐ што ќе сакаат тие.
Се знае, дојде ли СДСМ на власт, веднаш започнува штедење, нема вработувања, веднаш има аранжмани со ММФ, веднаш се земаат кредити со разни услови, народот ќе се револтира и по четири години пак ќе се бара нова алтернатива.
Пред точно една година, во март 2015, го повикавте Зоран Заев да пушти телефонски разговор меѓу него и вас, конкретен разговор од конкретен датум.
Јакимовски: Не излегоа да ме демантираат, дека сме немале разговор, пораки. Не го пуштаат разговорот затоа што ќе се види срам и за Заев и за СДСМ. И тоа не е прв срам, има многу срамови за кои ние имаме да зборуваме. Имаме за Зоран Дамјановски и за Оливер Спасовски, како се подготвуваат да излезат на избори 2013 година пред локалните избори. Спасовски најмногу притискаше врз Дамјановски да излезе на избори, да го направат евентуално алтернативен градоначалник. Ама сега тие се големи социјалдемократи.
Си разменивте кривични пријави со Оливер Спасовски.
Јакимовски: Ние можеме да си разменуваме колку сакаме, но прашање е колку пријавата е издржана. Јас нивната ја нарекувама „тралала“ пријава. Дадена под притисок на Героски и на Милчин и на другите соросоиди, поднесена во очај бидејќи нивниот протест беше во целост неуспешен. Јас не сум крив што тие го збудалеа народот што го водеа зад себе, што го водеа на прошетки, крајно неорганизирани. Тие не можат да сфатат дека ГРОМ е организирана политичка партија.
Имаме докази, и видеоснимки и слики, дека нашата бина е таму каде што сме побарале согласност. Имам доказ и дека сме имале телефонски разговор со Спасовски. Тие не ни одговорија каде да поставиме бина. Второ, во врска со граѓаните што беа околу Уставниот суд, кој тврди дека тоа се граѓани од оној собир кој што го организиравме? Трето, побара ли некој да се тргнат тие граѓани? Четврто, дали тие дојдоа, а граѓаните не сакаа да се тргнат? И петто прашање е дали имаше каков било физички контакт, насилство или што било.
Последно, да го прашам министерот за внатрешни работи, зошто тој дозволува да има луѓе што го блокираат Уставниот суд? Негова задача е да го штити Уставниот суд, да обезбеди непречена работа на уставните судии.
Ние му поднесовме кривична пријава затоа што тој си правеше приватна забава што ја нарекува протест на која и самиот учествува.
Употреби и дел од јавната безбедност, употреби и цивилни лица од полицијата и од државната безбедност. Ја употреби и Единицата за брзо распоредување со хермелини со тешко вооружување, на хермелините под церадите имаше поставено митралези. А тоа чини пари, неколку стотици илјади евра. Да не зборувам што со неговото присуство како министер предизвикува општа опасност.
Може ли министерот да претпостави што ќе се случеше ако решеше да влезе во Уставниот суд? Полицајците ќе го запираа? Тој опиен од масата, можеше да влезе во судот. Полицајците ќе го тепаа, ќе бранеа, немаше да дозволат да влезе во судот? Има ли посмешна ситуација?
Што всушност се случуваше пред Уставниот суд, што се покажа, што се доби и што се загуби?
Јакимовски: Ние имавме мирен собир на граѓаните и тие треба да знаат дека секогаш кога некој повикува на насилство против институциите во Македонија, секогаш има граѓани кои ќе им се спротистават.
Тие велеа дека ќе го палат Уставниот суд, ќе тегнат за уши и ќе фрлаат низ прозорци. Имаше граѓани кои не го дозволуваат тоа и нема да го дозволат. И нареден пат треба да знаат дека кога ќе сакаат да организираат протест, треба да си кажат дека тоа ќе биде мирен протест каде што ќе си го изразат својот револт – ако има револт, но дека обиди за влегување во институциите и попречување на работата на надлежни службеници е недозволиво. Како може некој да му забрани на Уставниот суд да носи одлуки?
Тоа требаше да отвори нова врата, да отвори ново поглавје во македонската историја. Тоа значи дека овие што ги судат за Смилковско Езеро (нели има приказни дека се осудуваат тие што ги убија децата, но убијците не се овие обвинетите), ова требаше да отвори врати, да се соберат граѓани да влезат во Судот и да не се донесе одлука за Смилковско Езеро. Да не се донесе одлука за терористите што влегоа во Куманово.
И таа нова врата ќе предизвикаше институционален хаос. Па следно требаше да влезат 15 до 20 илјади мигранти преку границите, онака како што се обидоа да им даваат маршрута од каде да влезат, па да настане хаос во Македонија. Тогаш би дошле странците и би се правело широка коалиција. Значи, комплетно сценарио кое очигледно им пропадна.
Државата не е држава само по себе, државата се институциите. Ако ние си ги газиме институциите, како ќе имаме држава? И тоа е тезата што ја има СДСМ, а за жал гледаме дека ја продолжува и Катица Јанева.
Пазете, највисокиот орган во државата, Парламентот, таа не го признава. Претседателот не го признава. Таа, кутрата, ништо не признава. Таа жена од обвинителка се претвора во судијка. Веќе има пресудено кој е легитимен, а кој е нелегитимен во оваа држава. Практички, низ неа зборуваат Зоран Заев и СДСМ. Тој не ги признава судовите, не признава ниедна институција, а истото тоа го прави и Катица Јанева.
Катица Јанева е производ на политички договор со помош на странци.
Јакимовски: Пополитичка институција од СЈО не постои. За да се формира СЈО и за да биде избрана Јанева, мораше да се сложат четирите политички лидери. Секоја политичка партија внатре си протна два до четири обвинители, значи пополитички орган – здравје. А од каде дојде тоа Обвинителство? Од она Обвинителство за што тврдевме дека не чини, дека е неспособно и дека не го признаваме. Значи од лошо Обвинителство избравме лоши обвинители кои треба да го спроведуваат овој циркус.
Има ли логика каква глупост се направи? Затоа ГРОМ не ги признава СЈО и Договорот од Пржино. Тоа комплетно е со фабричка мана во уставната подлога. Законот и начинот на кој е избрана Јанева се неуставни.
Логички беше ако сакаме нешто, да се истера еден процес во постојното обвинителство, со некои меѓународни експерти од таа област, и тој ќе беше многу поквалитетен и ќе ѝ дадеше една стабилност на Република Македонија.
Сега се направи хаос, еден ад-хок политичка институција, која гледате дека од ден-во ден прави сѐ поголеми циркуси.
Јас не верувам дека член на СДСМ не се срами од изјавата на Јанева „јас не ги признавам, тие се нелигитимни“ и така натаму. А сите во оваа држава треба да ја почитуваат неа, и таа да бара каде да прати допис, сите во несвест да паднеле, да ѝ одговореле веднаш, да ја услужеле, а таа покажува непочитување кон оние што ја избрале.
Ако тие се невалидни, како е таа поставена и како потекнува од невалидна институција?
Очекувате ли „напад“ од СЈО кон ГРОМ заради вашите настапи против СДСМ, ако таа е политичка алатка?
Јакимовски: Свети Катица Јанева нека биде, ГРОМ нема да молчи ако некој не е во право. Ќе излезе ли некој да каже дека СЈО е институција со фабричка мана, против законот, да демантира дека Јанева го извалка овој процес? Граѓаните на Македонија од неа бараа објективност. Не постои граѓанин кој не сака да ја дознае вистината дали Груевски е криминалец или не, кој ги правел снимките, дали Заев е криминалец или не е. Тоа сакаат да го знаат членовите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, и јас сакам да знам, затоа што коалицирам со Груевски.
А таа, наместо да се постави крајно неутрално во оваа ситуација и да утврди што е што – ако има докази за одредени лица да ги процесуира, ако нема, чесно да каже дека нема докази, гледаме дека од ден-на ден сѐ повеќе се вплеткува во политиката.
Како може Катица Јанева како претставник на еден од највисоките правосудни органи, како обвинителка, како професионалка, да учествува во изигрување на судството со одолговлекување на рочиштата во процес во кој е обвинет лидерот на опозицијата? И таа во тоа асистира со приказните дека подготвува свадби, или дека ќе биде верски празник Велигден и така натаму, сѐ со цел да се пролонгира судењето од јануари до мај. Што зборува тоа за кредибилитетот на еден човек?
Ливчето на Заев, толку познато во јавноста, а толку интимно чувано од вас? Тоа е реланост или фикција?
Јакимовски: Членовите на СДСМ не можат да кажат ништо друго освен дека го нема. И кога ќе го видат, пак ќе викаат дека го нема. Ништо друго не им останува. Јас и ГРОМ никогаш не кажуваме лаги. Ливчето постои, ми го даде Заев во неговиот потпретседателски кабинет, крајот на 2012 година, во кое е јасно напишано на три места за што треба да се дадат по 50.000 евра – за спортот, за културата и за црквата во Струмица – и 100.000 нему лично за – јас ги викам Роми а тој ги нарекува… Нека биде Роми, „дека го јаделе секое сабајле, пред вратата го чекале и затоа му требале пари“.
Се работеше за меѓународна компанија која доби голем тендер во струмичкиот регион и една од причините зошто тој тендер не успеа беше ваквиот однос. А водечката улога во таа работа ја имаше Струмица, бидејќи од петте општини, четири беа под команда на СДСМ, освен Ново Село, кое беше под ВМРО-ДПМНЕ.
Но она што е битно е дека ниту СДСМ ниту Заев не демантираат дека има такво ливче.
Почнаа во јавност да се појавуваат нелегално снимените разговори и тоа крајно приватни разговори. Се плашите ли вие од таков случај?
Јакимовски: Апсолутно не. Предупредивме дека последиците од ова што го прави СДСМ ќе се чувствуваат во следните десет години. Мислам дека овие последици ќе завршуваат и со убиства. Гледате дека навлегуваат во интимата на луѓето, растураат семејства. Мислам дека на крај ќе имаме и такви епилози. Ќе имаме и уцени и рекет. Но ако сме држава, кога ќе завршиме со овие работи…
Но тоа беше работата на СЈО.
Јакимовски: Да, првата работа што ја барам од СЈО е да каже кој снимал? Дали се снимките однадвор или однатре, или дел се однадвор, дел однатре? Кој ја злоупотребувал својата функција? Ако не снимале однадвор треба да ги прашаме службите што спиеле? А ако се однатре, кои се чекорите што треба да ги преземеме за да не се повтори?
Никој во оваа држава не ги прашува телефонските компании како дозволиле да не нѐ заштитат, кој сака да ги снима нашите разговори? А тешки милиони земаат од овие граѓани.
И никој не сноси последици.
Никаде не слушнавме за веродостојноста на овие снимки, дали се пратени во некоја светска лабораторија, за да кажат дали се автентични.
Овој процес ќе имаше една многу поголема смисла ако се одеше во една стамена временски пролонгирана постапка, каде што Обвинителството на мира ќе ги утврди индициите, ќе ги провери фактите, ќе обезбеди докази и ќе ги процесуира до судството, отколку вака, да се бара од него наврат-нанос и да се прават огромни грешки.
Погледнете го целото интервју на следниот линк.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Стевчо Јакимовски е објавено во 186. број на неделникот Република, 25.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.