Концертот „Звуците на Македонија“ на ансамблот „Мартин и ансамблот Пер-екс“ ќе го отвори годинашното издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Музиката е на Живоjин Глишиќ според македонски народни теми.
„Звуците на Македонија“ е редок, речиси уникатен пример на обработка на богатиот македонски фолклор. Негова основа се десетина ороводни, инструментални нумери, што беа дел од репертоарот на легендарниот гајдаџија Пеце Атанасовски и го инспирираа композиторот Живоjин Глишиќ да ги стави во еден, досега незамислен контекст – да ги претстави низ „оптиката“ и можностите на ударните инструменти, главно со класична, западноевропска провиниенција (ксилофон, вибрафон, маримба итн.), но и на тапанот, дајрето, тарабуката, гајдата, кавалот. Од таа несекојдневна средба на „даденото и на додаденото“ се родија десетина сосема нови композиции, со сосема нови експресивни валери и со силни естетски квалитети.
„Martin & PER-EX Ensemble“ („Мартин и Пер-екс ансамбл“) беа импулсот за создавање на овие композициии, но и ансамбл чиешто мајсторство овозможи креативните изблици и на народниот гениј, и на легендарниот Пеце Атанасовски и на композиторот Живоjин Глишиќ уверливо да прозвучат на премиерната изведба во Античкиот театар во Охрид (2 август 2008) и на неколкуте репризни концерти во земјава и во странство и да нѐ уверат во трајните животворни сокови и во уметничка силина на македонскиот народен мелос.
Ансамблот „Мартин и Пер- екс“ на овој концерт настапува во состав: Мартин Вучиќ – перкусии; Атанас Алексов – перкусии; Влатко Нушев – перкусии; Марко Марковски – перкусии; Благоја Перуновски – хармоника; Дино Имери – клавијатури; Никола Автовски – бас гитара; Сашо Митев – кавал/гајда/тамбура.
Проектот е финансиски поддржан од Македонската опера и балет, а влезот е слободен.