Собранието денеска ја донесе одлуката со која се продолжува кризната состојба на подрачјата на јужната и на северната граница на Македонија заради мигрантската криза до 31 декември годинава.
Како што образложи министерот за одбрана Зоран Јолевски Предлог одлуката за изменување на Одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење кризна состојба е поради зголемен обем на влез и транзитирање мигранти низ територијата на Република Македонија, а врз основа на Предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.
Целта е да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница.
Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ ја оцени како позитивна која е во насока на мирот и безбедноста на Република Македонија основана и втемелена на состојбите во кои се наоѓа Македонија и поширокиот регион.
-Потребно е ангажман и на армијата и на полицијата на јужната и северната граница бидејќи се работи за голема криза со која добро се справуваат припадниците на армијата и полицијата- рече Ѓорчев.
Предлог одлуката за продолжување на кризната состојба не доби поддршка од претеничката група на ДУИ. Талат Џафери рече дека тие нема да ја поддржат и нема да учествуваат во гласањето. Според него, постои одлука за кризна состојба до 15 јуни и оти нова одлука треба да донесе новиот парламентарен состав, а дотогаш постојат законски можности за постапување на институциите.
Првата одлука Владата за кризна состојба поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија беше донесена во август лани, со важност од 30 дена, по што следеше продолжување на рокот до 15 јуни годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.