
Деновиве, веднаш по завршувањето на гласањето на вториот круг од локалните избори, повторно во фокусот на македонската јавност влегува евроатлантската перспектива на нашата земја. Ова е добра можност за да се анализира состојбата во која се наоѓа Република Македонија и, евентуално, да се одредат следните чекори.
Дали е реално да се очекува во јуни оваа година Европскиот совет да ѝ одреди на Република Македонија датум за почнување пристапни преговори доколку дотогаш не биде решена „разликата за името“? Или, пак, повторно ќе се соочиме со грчкото вето?
Дескоски: Со заклучоците на Европскиот совет за пристапниот процес на Република Македонија од декември 2012 година за првпат е предвидено отворањето преговори за пристапување да се условува единствено со добивање позитивен извештај од Европската комисија. Извештајот на Комисијата се очекува за втората половина на април и во него ќе биде оценето исполнувањето на два параметра: 1) спроведување на реформите во контекст на дијалогот на високо ниво и 2) чекорите што се преземени за промовирање на добрососедските односи и за постигнување спогодбено и земноприфатливо решение за разликата за името под закрила на ООН (параграф 42).
Клучниот чекор е направен со тоа што извештајот на Комисијата нема да оценува дали е постигната спогодба за разликата за името, туку ќе се оценуваат чекорите преземени за да се надмине таа разлика. Доколку извештајот на Комисијата е позитивен, уште однапред е утврдено каква ќе биде одлуката на Советот: да ја задолжи Комисијата да подготви временска рамка за пристапните преговори и да спроведе аналитичко испитување на европското законодавство почнувајќи од подрачјата 23 (судство и слобода на изразување) и 24 (правда слобода и безбедност). Со ова е отстранета секаква можност за ново грчко вето во јуни 2013 година, кога Советот ќе донесува одлука по евентуално позитивниот извештај на Европската комисија.
На што се должеше ваквиот пресврт во позицијата на Европскиот совет кон Република Македонија ако се има предвид дека само една година порано отворено беа упатувани закани дури и од комесарот Филе дека на нашата земја може дури и да ѝ биде одземена препораката на Европската комисија за почнување на пристапните преговори? Посебно што официјална Атина не ги помести во меѓувреме своите позиции ниту за милиметар.
Дескоски: Одговорот на ова прашање треба да се бара преку идентификување на тоа што се случило во меѓувреме. А, единственото нешто што се случило, а што има капацитет за радикална промена на позицијата на членките на ЕУ кон Македонија е пресудата на Меѓународниот суд на правдата (во продолжение: МСП), од 5 декември 2011 година, со која беше утврдено дека Грција го повредила членот 11 од Привремената спогодба од 1995 година (во натамошниот текст: ПС) со тоа што ставила приговор (вето) за упатувањето на покана за прием на Република Македонија во НАТО на самитот во Букурешт 2008 година.
Со пресудата на МСП Република Македонија се легитимираше себеси како жртва во односите со многу помоќната Грција. А, во меѓународните односи, на малите и слаби држави, каква што е несомнено Република Македонија, најсилната алатка им е создавањето перцепција на конструктивност и на мирољубивост за нив. Нема подобро средство за постигнувањето на таа цел од потпирањето на пресуда на МСП, со која се потврдуваат таквите позиции на земјата, а се потврдува дека некоја друга држава е причинител на нестабилноста.
Но, ниту еден претставник на ЕУ не се повикува на пресудата на МСП, како основа на декемвриските заклучоци?
Дескоски: Би било илузорно да се очекува грчките и наши сојузници веднаш и отворено да ѝ го завртат грбот на Грција и да застанат зад Република Македонија. Впрочем, пресудата нив и не ги обврзува, туку самото Грција и Македонија како странки во постапката. Но, од моментот на нејзиното донесување, пресудата стана незаобиколен факт, кој е една од детерминантите на политиката на моќните држави. Тоа што беше реално да се очекува е да почне еден процес на заткулисно, дискретно менување на позициите кон Македонија и постепено префрлање на притисокот кон Грција, со цел да се постигне сообразување на Грција со обврските од пресудата, без тоа конкретно да се признае. Впрочем, по усвојувањето на Лисабонската декларација во 1992 година од страна на тогашната Европска заедница, следеше еден голем маневар предводен од британската дипломатија, кој заврши со приемот на нашата земја во ООН в година, со што, практично, беше дезавуирана самата декларација.
И ова нѐ води до, можеби, клучното прашање, чијшто одговор е неопходен за да може да се разбере значењето на настаните во последната година и неколку месеци: Дали Грција настапи самостојно и неконтролирано на Самитот на НАТО во Букурешт, или, пак, ја имаше претходно добиено поддршката од клучните сојузници?

Грчкото вето во Букурешт е само финалето на една внимателно планирана и прецизно спроведена грчка дипломатска активност, која почнува од раната 2005 година. Појдовната основа на целата таа дипломатска операција е отстапувањето од дотогашното основно барање на Грција во преговорите за надминување на разликата за името, а тоа е: нашата држава да прифати ново име за меѓународна употреба, во кое нема да биде вклучен зборот „Македонија“. Соочена со реалноста дека продолжувањето со оваа преговарачка позиција ги води во сигурен пораз, а поттикната од американското признавање на уставното име на нашата држава, грчката надворешна политика во 2005 година усвои ново стратегиско барање во преговорите за името: нашата држава да прифати ново име за меѓународна употреба, кое мора да биде сложено и да содржи географска придавка, која ќе биде лоцирана меѓу зборовите „Република“ и „Македонија“. Или, како што поранешниот грчки премиер Караманлис го формулирал според „Викиликс“ (Wikileaks), „Нова, Северна, Горна, Каква било Македонија“. Со таков предлог настапи пред сојузниците во пресрет на самитот во Букурешт барајќи од нив да ја поддржат во затворањето на вратите на НАТО за Македонија, како форма на притисок кон нашата земја за таа, конечно, да го прифати „разумниот“ грчки предлог. Практично, од тој момент натаму, како резултат на добиената поддршка од сојузниците, за Грција завршија преговорите за разликата за името.
Тоа што ги изненади сите фактори во меѓународната заедница беше високата внатрешна кохезија во Република Македонија во одбивањето на понуденото ново меѓународно име „Република Северна Македонија“ (потврдена со речиси плебисцитарно мнозинство на предвремените парламентарни избори во 2008 година и на претседателските избори во 2009 година) и дипломатската противофанзива на македонската влада, манифестирана преку поднесување апликација пред Меѓународниот суд на правдата.
Се поставува прашањето: што понатаму? Сепак, Меѓународниот суд на правдата не го реши спорот за името. Дали на Република Македонија сега единствено ѝ останува да бара од западните сојузници да ја вразумат Грција за да ја спроведе пресудата на МСП, а решавањето на разликата за името да се остави за некоја подалечна иднина?
Дескоски: Надминување на разликата за името е константно врвен приоритет за Република Македонија. Грција е најмоќната држава-сосед, а тоа го наметнува интересот за нашата земја да настојува да се отстрани секоја причина за конфронтација во меѓусебните односи.
Точно е дека Меѓународниот суд на правдата не ја реши разликата за името. Но, Судот реши некои многу битни прашања, кои се неразделно врзани за таа разлика и со тоа даде голем придонес во правец на олеснување на двете страни во надминувањето на меѓусебните разлики. Уште повеќе, пресудата влијаеше стимулативно за обновување на преговорите, кои, практично, беа умртвени од Самитот на НАТО во Букурешт. Но, за да може се објасни како се случи тоа, нужно е прво да се појасни зошто се случи таков развој во судската постапка? Како можеше МСП да решава за прашања поврзани со разликата за името, во услови кога Македонија имаше тесно поставено тужбено барање, врзано единствено за повредата на членот 11, став 1 од Привремената спогодба?
Одговорот е едноставен: Грција го бараше тоа. Имено, како одговор на тужбеното барање на Македонија, Грција се спротивстави со истакнување три процедурални приговори, засновани врз иста премиса: дека ветото во Букурешт било одговор на систематското кршење на ПС од страна на Република Македонија. А, таквите повреди на ПС, пак, всушност, биле дел од една шема на иредентистичко поведение на Република Македонија кон Грција, односно дел од една смислена политика за повторно обединување на татковината, која била поделена со Букурешкиот мировен договор. Практично, Грција ја изнесе пред МСП целата своја политика за „разликата за името“, како оправдување за континуираното кршење на ПС, почнувајќи од Самитот во Букурешт во 2008 година, па наваму.
Дескоски: Поднесоците на Грција во судската постапка ги пресликуваа официјалните грчки позиции за разликата за името. А, тие се: „прашањето за името не е, едноставно, само спор за историските факти и симболи. … Прашањето за името е затоа проблем со регионални и меѓународни димензии, што се состои во промоција на иредентистички и територијални амбиции од страна на Поранешната Југословенска Република Македонија, првенствено преку фалсификување на историјата и узурпација на грчкото национално и историско наследство“. Контекстот на овие „евентуални“ иредентистички аспирации е поставен во светлината на „измислената“ македонска нација, која според Грчкото Министерство за надворешни работи е дело на Тито по Втората светска војна, а со цел одземање на дел од територијата на Грција, односно на грчкиот дел од географскиот регион „Македонија“ (наведено според документот: „FYROM name issue“, достапен на: www.mfa.gr/en/fyrom-name-issue, последен пат пристапено на 30.3.2013 година).
Повредите на Привремената спогодба, преку кои би бил манифестиран иредентизмот на Република Македонија, накратко речено, би се состоеле во: промовирање мапи во училишни учебници во кои делови од Грција биле претставени како дел од „Голема Македонија“ со што, наводно, се врши непријателска пропаганда, спротивно на членот 7, став 1 од ПС, поддржување на своите државјани, кои имаат барања кон Грција, што би било спротивно на членот 6, став 2 од ПС; употреба на уставното име „Република Македонија“ во меѓународните организации, место т.н. „привремено име“ „Поранешна Југословенска Република Македонија“ утврдено во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на ООН, а што би било спротивно на членот 11, став 1 на ПС; непреговарањето со „добра верба“ за разликата за името, спротивно на членот 5, став 1 од ПС; употребата на шеснаесеткракото сонце, кое се наоѓаше на македонското знаме од 1992 година до 1995 година од страна на државата, но и од приватни лица, спротивно на членот 7, став 2 од ПС; именувањето на Аеродромот во Скопје во „Александар Велики“ и именувањето на други јавни објекти според личности од античка Македонија, спротивно на членот 7, став 3 од ПС.
Соочен со ваквата грчка одбрана, МСП требаше прво да реши дали на Грција ѝ е процедурално дозволено да ги истакне овие приговори, па дури ако најде дека приговорите се дозволени, да продолжи да го испитува наведеното за повреди на ПС од македонска страна. А, Република Македонија изнесе сериозни аргументи против дозволеноста на приговорите. Доколку Судот решеше да ги отфрли грчките приговори како недозволени, ќе останеше неодговорено прашањето дали Република Македонија, навистина, систематски ја крши Привремената спогодба. Во таква ситуација, Грција, дури и ако го загубеше спорот, ќе можеше да тврди дека е жртва на неправда затоа што од процедурални причини ѝ било оневозможено да ја докаже иредентистичката шема на поведение на Република Македонија. Не е потребно да се погоди дека таквото сценарио дополнително би ги искомпликувало односите меѓу двете земји.
Затоа, Меѓународниот суд на правдата тргна по пат што е невообичаен, односно испитувањето го спроведе по обратен редослед. Прво, констатираше дека постои одреден минимум услови што се заеднички за три грчки приговори: а) постоење претходна повреда на Привремената согласност од страна на Република Македонија, пред Грција да приговори против зачленувањето на нашата држава во НАТО и б) постоење причинско-последична врска меѓу претходната повреда на Привремената спогодба од страна на Република Македонија и приговорот на Грција на Самитот во Букурешт (праграф 123 од пресудата). Потоа, МСП пристапи кон утврдување дали двата услова се исполнети констатирајќи дека наведеното за повреди на ПС од македонска страна се целосно неосновани. И не само тоа, Судот во голема мера ги отфрли како неточни грчките толкувања на одредбите од ПС како „разведени од реалноста“. Тоа се однесува, пред сѐ, на правото на нашата земја да се именува под уставно име во ООН и во другите меѓународни организации каде што е примена под референцата затоа што референцата не е привремено име на државата; на правото на приватните лица да го користат сонцето со шеснаесет краци и на непостоењето забрана за Република Македонија да ги користи имињата на ликови од античка Македонија. Практично, со одлуката по последново прашање, судот јасно ѝ порача на Грција дека таа не може да тврди дека има монопол над културното наследство од античка Македонија, туку дека тоа културно наследство му припаѓа на целиот свет, вклучително и на нашата земја. Дали некој денес може да се сети кога за последен пат некој западен дипломат јавно побарал од нас како држава да ги повлечеме именувањата на автопатот, стадионот, да ги отстраниме статуите и сл.?
На крајот, откако ги одби како неосновани грчките забелешки за повреди на Привремената спогодба од македонска страна, судот оцени дека нема потреба да се изјаснува за дозволеноста на процедуралните приговори на Грција.
Кога се имаат предвид овие забелешки на МСП, логично се поставува прашањето: која е целта што треба да ја остварат двете држави со постигнувањето согласност за името на Република Македонија?
Дескоски: Се чини дека е неспорно дека цел на спогодбата никако не може да биде надминување на иредентистичките аспирации на Република Македонија кон Грција. Едноставно, затоа што нема никаков доказ за постоење такви аспирации во реалноста. Тоа станува уште поочигледно кога на пресудата на МСП ќе се додаде и мислењето бр. 6 на Бадентеровата комисија од јануари 1992 година (изработено на барање на Европскиот совет во кој членуваше и Грција), каде што е утврдено дека „употребата на името Македонија не може да имплицира територијални аспирации спрема друга земја“.
А, без иредентистичката компонента, „разликата за името“ останува без содржина. Едно празно барање, кое послабата и помала држава мора да го земе предвид и да ја плати неопходната цена респектирајќи го аргументот на моќ. Но, во исто време, мора да биде јасно дека за решавање на „разликата“ без содржина не се потребни големи отстапки од страна на послабиот. Доволно би било да се постигне согласност дека името на нашата држава во меѓународните односи мора да биде сложено, при што ниту една од двете страни не претендира дека има исклучително право на целиот регион Македонија.
Пресудата на МСП го расчисти облакот на заблуди, невистини и на илузии на кои беше градена платформата на грчката надворешна политика во поглед на „разликата за името“, а посебно за дострелот и содржината на Привремената спогодба од 1995 година. Оттука, сосема е разбирливо што архитектите на ваквата политика во изминативе месеци почнаа да повикуваат на повлекување на Грција од ПС. За среќа, нивното значење е маргинализирано на грчката страна, еднакво како и значењето на струите од македонска страна, кои заговараат напуштање на ПС и затегање на односите со Грција.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


