На саемот за туризам во Москва, Руска Федерација (Mitt,23-26 март 2016 година), Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) и оваа година традиционално го промовира туристичкиот потенцијал на земјава.
Со волонтерска поддршка на македонските студенти во Русија, штандот на Македонија привлече големо внимание со промоцијата на религиозниот, културниот, кулинарскиот и винскиот туризам, но атракција беше послуженото вино, сирење и ајвар. За време на саемот, македонското вино побуди голем интерес со што се разменија контакти и линкови со експерти од различни области кои го посетија штандот.
Директорот на АППТ, Лела Крстевска, во соработка со македонската амбасада во Руската Федерација и економскиот промотор на Москва, оствари средба со заменик раководителот на Федералната агенција за туризам, Сергеј Евгениевич Корнеев. На оваа средба биле договорени активности кои заеднички ќе се преземат за подобра промоција на македонскиот туризам и инвестицискиот потенцијал на Македонија.
На саемот за туризам во Москва била остварена средба со еден од големите тур-оператори од Европа кој што е присутен на рускиот пазар и биле извршени првични разговори за водење на чартер линија за олеснување на туристичкиот промет.
Остварена е и средба со претседателот на АТОР (Агенција за туристички оператори на Русија) каде се дискутирало за можна соработка и промоција на македонскиот туризам кај членките на асоцијацијата.
Штандот бил посетен од многу туроператори и туристички агенции кои пројавиле интерес за Македонија, а евидентно се зголемил и интересот кај руската публика по репортажата за Македонија која се емитува на руската национална телевизија на најпопуларната емисија за туризам „Neputevje Zametki“ на Димитри Карлов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.