| четврток, 6 декември 2018 |

Јанева „спаси“ од уништување документација што не може да се уништи

Со активирање на полициските „алфи“ и на други полициски сили Специјалното јавно обвинителство прексиноќа одзело документи од Централниот регистер во акцијата што оваа институција ја карактеризира како незапаметен упад, а Основниот суд Скопје 1 холивудско сценарио, пишува „Дневник“.  На одземањето му претходеа разни информации и дезинформации во јавноста за тоа што се случувало прексиноќа во зградата на Централниот регистер. Засега не е познато каква документацијата е однесена и за работењето на кои фирми се однесува. СЈО ја почнало акцијата кога претходно обезбедило наредба на судија на претходна постапка откако, според него, ЦР на РМ не постапувал по нивни барања.

– Наредбата е издадена по барање на ова јавно обвинителство откако Централниот регистар во рок од 30 дена не постапи по нашето барање и единствено нè извести дека барањето било нејасно, иако во неколку наврати имаше телефонска комуникација со јавни обвинители и истражители во насока на појаснување што сè е предмет на нашето барање. Ве известуваме дека во текот на вечерта воспоставена е соработка со Централниот регистар и доставен е дел од бараната документација – се наведува во соопштението на СЈО.

Од тимот на Јанева најавија дека во деновите што следуваат ќе биде одземена целокупната документација што е наведена во наредбата за одземање предмети, со оглед на тоа што се работи за многу документи.

– Воедно изразуваме уверување дека добро воспоставената соработка со Централниот регистар ќе продолжи и во иднина – изјавија од специјалното јавно обвинителство.

Во медиумите блиски до опозицијата завчеравечер се појавија информации дека специјалните истражители влегле во зградата околу 16.40 часот и дека вработените во оваа државна институција одбиле да соработуваат. Подоцна, по заминувањето на истражителите, некој наводно јавил до СЈО дека во зградата се случува намерно уништување на документацијата и по што специјалните истражители упаднале во зградата на Централниот регистер, која ја обезбедувале полициските „алфи“. Наводно, еден час по полноќ во институцијата бил донесен и нејзиниот директор.

Наспроти вакви тврдења, Централниот регистер вчера најостро ги демантира инсинуациите за какво било наводно прикривање, затајување или уништување документација за податоците од регистрите со кои раководи.

– Во нашето досегашното постоење и успешно работење на оваа институција не се памети ваков напад и нарушување на угледот на Централниот регистар. Ние со години сме рангирани како најдобра институција во земјава според најригорозни методологии и на прво место во Европа и второ место во светот според Светска банка. На специјалното јавно обвинителство на 11.12.2015 година му е овозможен неограничен пристап до базите на податоци на Централниот регистер по електронски пат, во реално време, 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Притоа не е пријавен никаков проблем при користење на системот од нивна страна – соопшти оваа државна институција.

Од друга страна, Основен суд Скопје 1 потврди дека по барање на СЈО од судија на претходна постапка била издадена наредба за одземање на документација од Централниот регистар на РМ, а наредба за претрес не е побарана. – Тоа покажува дека Основниот суд Скопје 1 соработува со СJO наспроти јавно пласираните информации дека ова обвинителство се соочува со најголем отпор токму со овој суд како што и тие самите наведуваат во нивниот извештај. Доколку имаше и барање за претрес за неа, судијата ќе одлучеше за 12 часа по приемот на барањето. Ние нема да ја коментираме акција на СЈО и нивните оперативно тактички мерки на клопка и заседа на институциите повикувајќи се на судски наредби и анонимни дојави кои повеќе личат на холивудско сценарио, а не на сериозно и посветено извршување на функцијата на еден орган како што е СЈО – потенцира овој суд во своето обраќање.

НЕБУЛОЗНО ТВРДЕЊЕ – За тоа дека не се случило никакво уништување на документација, сведочи фактот што СЈО на самото место утврди дека документите постојат во целост и дека ниеден документ не е уништен, а некои од бараните податоци им беа предадени. Останатите ќе бидат предадени во согласност со заемно договорената динамика според потребите на СЈО во периодот што следува. Небулозно е тврдењето дека податоци од Централниот регистар воопшто може да бидат уништени, со оглед на тоа што базите се водат електронски на повеќе локации, а секоја промена во регистрите електронски, во реално време, се доставува и до многу други институции,преку веб-сервиси и преку системот за интероперабилност – нагласија од Централниот регистер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top