
Системот за електронски потврди на Централниот регистар на Македонија сè повеќе се користи и секојдневно се зголемува бројот на корисници, оцени денеска директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски.
Посочи дека се издадени 103.261 потврда откако е пуштен во употреба во 2013 година.
– Придобивките се големи. Претставниците на компаниите не треба да се појавуваат во регистрациските канцеларии и во хартиена форма да бараат потврда, истакна на прес-конференцијата Костадиновски и додаде дека меѓу предностите е што сега и во оние канцеларии каде претходно не можело да е издаваат потврди сега може да се добијат. Ги посочи како Берово, Валандово.
Потврдите фирмите ги бараат за да учествуваат на тендер за јавни набавки. Претходно требаше физички да дојдат во Централниот регистар за да ги добијат потребните документи, да пополнат посебни барања за секој документ, да ги поднесат до посебните шалтерски одделенија и да чекаат извесен период за да ги добијат документите.
Со новиот систем за издавање е-потврди на Централниот регистар на Република Македонија овозможува нарачка и плаќање на потврди по електронски пат и два начина на преземање на потврдите во дигитална и во хартиена форма.
Костадиновски истакна дека овој систем е воведен на барање на деловната заедница и е една од мерките на проектот Регулаторна гилотина со цел да се намали административните бариери.
Целта на системот е сите податоци да бидат леснодостапни и да им помогне на компаниите при добивање одредени одобренија и лиценци, како и при донесување на некои деловни одлуки.
Компаниите имаат бесплатен пристап до Елекетронски систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки.
Директорката на Бирото Маре Богева истакна дека на системот се регистрирани околу 8.000 понудувачи и дека е олеснета постапката бидејќи понудувачите треба само еднаш да ги достават потребните документи, кои се користат и во натамошните постапки во кои ќе понудуваат.
– Овозможува поефискно учество во постапката, заштедува време и во пораст е бројот на електронски постапки што се објавуваат – посочи Богоева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


