Во две полуфинални вечери на 3 и на 4 јуни годинава ќе чуеме триесет новокомпонирани песни на 30. по ред фестивал за забавна музика, „Макфест“. Најдобрите 18 од нив ќе се натпреваруваат за високите награди за прво, второ и за трето место во финалето на 5 јуни.
Годинава како новитет се враќа и интернационалниот карактер на фестивалот, кој беше и една од главните особини што го правеа „Макфест“ посебен. На оваа старо-нова точка инсистираше старо-новиот уметнички директор на фестивалот, Љупчо Мирковски, воедно и диригент на ревискиот оркестар на МРТВ.
- Mакфест првпат стана интернационален фестивал во 1991 година токму кога јас првпат станав уметнички директор. Тоа не го направив ни тогаш, а не го правам ни сега затоа што мислам дека ќе биде подобар, туку од друг аспект. Во македонската забавна музика, по мое мислење, во моментов владее еден хаос што се однесува до идентификација како препознатлива – македонска. Во минатите 10-20 години ни се случи хиперпродукција во која авторите и пејачите сакаа да покажат дека можат да се соочат со секој стил во забавната музика. Така, ни се случи да ја изгубиме автентичноста. Во ред е да ги следиме трендовите во светот. Тоа го прават сите, но си задржуваат нешто свое, препознатливо. Ова со воведување на странски пејачи и автори е чисто заради промена за која никој однапред не може да каже дали „Макфест“ ќе биде подобар или полош. Сепак, домашните автори и пејачи ќе бидат многу побројни – вели Мирковски.
Од странските пејачи своето учество досега го потврдија Лајла Самјуелс од Норвешка, Каролина Фурберг од Шведска, Марија Масле од Словенија, Џими Роџерс од Австрија и Милена Драговиќ од Србија. Се очекува потврден одговор уште од Ирска и од Германија. И годинава ќе се пее во живо со придружба на ревискиот оркестар, што за повеќето изведувачи и автори ја подобрува и самата песна, и интерпретацијата и самата изведба. Постојат и оние што придружбата на оркестарот ја сметаат за ограничување и што сметаат дека без електронски звук песните не можат да звучат модерно. За Мирковски, ова прашање се провлекува само помеѓу оние изведувачи и автори што користат исклучиво електронски инструменти за своите песни.
- Секако, секој има право на свое мислење и особено, на свој вкус. На тие што не им се допаѓа настапувањето со ревиски оркестар и мислат дека е старомодно, нека ги пласираат своите дела на некое друго место. Секоја музика има своја публика – вели Мирковски.
Од „Макфест“ излегоа голем број денешни музички ѕвезди. Денес младите таленти сè повеќе се одлучуваат да се претстават во музичките шоуа од српска продукција, наместо на фестивали, како што беше некогаш. Зошто е така, Мирковски вели, одговорот е едноставен.
- МРТ,„Скопски фестивал“ и „Макфест“ се со отворени врати. Тие што мислат дека ќе добијат поголема популарност надвор од Македонија, се надеваат дека веднаш ќе се крунисаат со епитетот „балканска“ или „европска ѕвезда“. Тежок е патот до тој епитет – смета Мирковски.
Иако „Макфест“ беше познат како есенски фестивал, веќе неколку години се одржува кон крајот на мај, почеток на јуни.
- За музиката не постојат годишни времиња, меѓутоа традиционално, „Скопскиот фестивал“ се одржува во ноември и со оглед на тоа дека и „Макфест“ и „Скопскиот фестивал“ се во живо и во придружба на ревискиот оркестар на МРТ, убаво е тоа што се во две различни годишни времиња. Штип е прекрасен напролет – вели Мирковски.
Годинава, учесниците на „Макфест“ ќе се натпреваруваат за високи парични награди, кои и годинава сочинуваат фонд од 26.500 евра.Најдобрата песна на фестивалот ќе биде наградена со 10.000 евра, втората со 7.500 евра, а третата со 5.000 евра. Ќе бидат доделени и наградата за најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски-Шпато“, за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап, а ќе биде прогласена и најслушаната песна изведена на „Макфест“ во периодот од ланскиот фестивал до денес. Овие награди тежат по 1.000 евра. Фестивалот е во организација на локалната штипска самоуправа, а финансиски ќе биде поддржан од Министерството за култура и од Општина Штип.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 185. број на неделникот „Република“, 18.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.