Пред публиката во преполната сала во главниот град на Белорусија – Минск, придружуван од белорускиот претседателски оркестар настапи и воодушеви нашиот млад пејач Боби Мојсоски. Тој исполни неколку легендарни рок-хитови од познатите бендови Еј-Си/Ди-Си, Вајтснејк, Бон Џови, „Дип парпл“.
За разлика од првиот концерт, кој се одржа минатата година, овој пат на сцената заедно со Боби настапи и познатиот македонски виртуоз на гитара, маестро Дамјан Пејчиновски, кој освен на заедничките синглови со Боби, се претстави и со негови инструментални изведби.
– Да се настапи на концерт пред толкав број публика, заедно со врвни музичари од претседателскиот оркестар, но и со нашиот виртуоз Дамјан Пејчиновски, е нешто што посакувам секој мој колега да го доживее. Презадоволен сум од реакциите на белоруската публика, па токму затоа периодов сериозно ќе почнам со работа на тој пазар. Веќе сум во контакт со неколку странски композитори и продуценти кои побараа да ги препејам моите синглови на руски и англиски јазик, па тоа ќе биде следниот чекор на кој ќе му посветам внимание – изјавува Боби по враќањето од Белорусија.
Организаторите поттикнати од воодушевувањата на публиката веднаш почнаа со подготовки и на третиот рок-концерт, а менаџерскиот тим на Боби и Дамјан најави и низа концерти кои ќе следуваат на руските простори.
На концертот во Минск гости беа и двајца белоруски пејачи кои изведоа по три нумери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





