Светската музичка сензација Ави Авитал од Израел, на 24 март во Домот на АРМ во 20 часот, ќе настапи како солист на мандолина заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Алхемија“…
Под палката на еден од најдобрите европски диригенти, Михал Нестерович од Полска, виртуозот Авитал, номиниран за „Греми“, ќе изведе два концерта за мандолина и за оркестар од Јохан Хумел и од Антонио Вивалди.
Изведбите на Ави Авитал, според „Њујорк тајмс“, се исклучително чувствителни и прекрасни. Критиката ќе каже дека тој е своевидна сензација и е едногласна дека е вистински виртуоз што свири со огромна посветеност. На концертот насловен „Алхемија“, под палката на маестро Нестерович, Македонската филхармонија ќе ги изведе и „Три танци во стар стил“ од еден од најдобрите полски современи композитори Хенрик Горецки, како и грандиозната Симфонија бр. 4 од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.
Ави Авитал (1978) е роден во Израел, а мандолина почнува да учи на осум години, за наскоро да се приклучи на мандолинскиот младински оркестар основан од неговиот учител, рускиот виолинист Симка Натансон. Се запишува на Академијата за музика во Ерусалим, а потоа заминува во Италија каде што студира на Конзерваториумот „Чезаре Полини“ во Падова со Уго Орланди, за кого вели дека е вистинскиот професор по мандолина, од кого го научил оригиналниот репертоар за овој инструмент, место транскрипциите што дотогаш ги изведувал.
Оттогаш негови дестинации за настап се „Карнеги хол“ во Њујорк и „Линколн центар“, „Вигмор хол“ во Лондон, Берлинската филхармонија, виенската „Концертхаус“, „Забранетиот град“ во Пекинг…
Соработувал со врвни солистички имиња какви што се аргентинскиот кларинетист Гиора Феидман, уникатната сопранистка Дон Апшоу или трубачот и композитор Френк Лондон.
Минатата година беше на турнеја низ Австралија со австралискиот Бранденбург оркестар, како и со Барокниот оркестар на Венеција низ Европа, Канада, САД, одржувајќи и многубројни рецитали.
За оваа сезона се предвидени настапи на Авитал во Германија, Велика Британија, Швајцарија, Кина, Израел… со камерни оркестри, како и соработки со познатиот тенор Андреас Шол и виртуозот на хармоника Ричард Галијано.
Ави Авитал досега реализирал многу снимки на кои се наоѓаа жанровски и стилски разновиден репертоар, од клезмер, барокна до класична музика. Во 2008 ја доби наградата „ECHO“ за снимката со Триото на Дејвид Орловски, а во 2010 година стана првиот изведувач на мандолина што беше номиниран за „Греми“ за најдобар солист. Во 2012 година потпишува ексклузивен договор со „Дојче грамофон“, а неговиот деби-албум содржи транскрипции на концертите од Бах за чембало и виолина, аранжирани за мандолина и оркестар.
Неговото цеде од 2014 насловено „Помеѓу световите“ со дела од Дворжак, Блох, Вила-Лобос, Пјацола, го носи на турнеја низ Европа, а изданието од оваа година, пак, ги носи звуците на Венеција со популарните концерти на Вивалди и Барокниот оркестар на Венеција.
За него критиката вели дека е уметник од кој не може да се остане рамнодушен, бидејќи поседува „експресивна гестикулација, интелигентна музичка имагинација и неговите концерти се навистина уникатни“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.