Откако во неделата го сруши рекордот на Себастијано Роси од сезоната 1993/94 по бројот на минути без примен гол во Серија А, италијанскиот голман во редовите на Јувентус Џанлуиџи Буфон во знак на благодарност напиша писмо кое го посвети на својот најдобар „соиграч“ – голот.
Тие три бели греди – двете стативи и пречката, го направија да стане еден од најдобрите на сите времиња, како и дефинитвно најголем господин во историјата на оваа игра.
„Имав 12 години кога ти со свртев грбот, го отфрлив минатото, за да ја осигурам иднината.
Тоа го сторив од срце, поради својот инстинкт. Но, од денот кога престанав да те гледам во лице, почнав да те сакам.
Да те штитам.
Да бидам твојата прва и последна линија на одбраната.
Си ветив себеси дека ќе сторам сѐ за да го заштитам твоето лице. Или барем да дадам сѐ од себе.
Беше многу болно кога ќе видев дека сум те изневерил секој пат кога морав да се свртам кон тебе. Повторно. И повторно…
Отсекогаш бевме спротивни, но и комплементарни. Како Месечината и Сонцето, принудени да живееме заедно, а никогаш да не се допреме. Животни сопатници, но во живот без ниеден контакт.
Пред 25 години дадов збор, се заколнав дека ќе те чувам. Дека ќе те штитам од сите непријатели. Секогаш се грижев за тебе, дури и повеќе отколку за себе.
Имав 12 години кога го свртев грбот на голот и ќе продолжам тоа да го правам се додека моите нозе, мојата глава и моето срце можат да издржат“, напиша во емотивната „ода за голот“ големиот Џанлуиџи „Џиџи“ Буфон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.