| четврток, 6 декември 2018 |

Фајненшл тајмс: ЕУ си ја продаде душата за договор со Турција

tusk davutogluЕвропската унија во петокот го загуби своето клучно достигнување. Договорот со Турција е најсрамното нешто, што сме го виделе во современата европска политика, пишува весникот „Фајненшл тајмс”.

– На денот кога лидерите на ЕУ го потпишаа договорот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги откри своите вистински ставови: „Демократија, слобода, владеење на правото? За нас тие зборови веќе немаат никаква вредност”. Во тој момент Европскиот совет требаше да стави крај на разговорот со турскиот премиер Ахмет Давутоглу и да го испрати дома, објави весникот.

Но според „Фајненшл тајмс”, наместо тоа, лидерите на ЕУ склучија договор со него, доставувајќи пари и многу други бенефиции во замена за помош во бегалската криза.

– И тоа со земја, чие раководство штотуку ја отпиша демократијата. На тој ден ЕУ не само што си ја продаде душата, туку склучи и неповолна зделка, додава весникот.

Авторот на статијата пишува дека не може да процени дали спогодбата е во согласност со Женевската конвенција или други елементи на меѓународното право.

– Прифаќам дека Европскиот совет може да гарантира дека сето тоа би добило судско одобрение. Дури и да е законски, сепак имам сомнеж дали е изводливо. Интересно е дали ЕУ ќе се откаже од ветувањата кон Турција, доколку Анкара не ги исполни своите, прашува авторот.

Тој коментира дека дури и да биде целосно исполнет, со договорот не се олеснува многу ситуацијата.

– Очекуваниот број бегалци, кои се обидуваат да стигнат до ЕУ, повеќе пати ја надминуваат бројката од 72 илјади, која е договорена со Турција, се додава во статијата.

Натаму во тексот се напоменува дека затворањето на балканската рута им даде куса оддишка на земјите од северна Европа, но сепак има голем број алтернативни патишта, кои бегалците можат да ги користат.

– Затворањето на границите не го намалува приливот на бегалци, туку го пренасочува. Тоа е класичен пример на префрлање на даден проблем на некој друг. Едностраните решенија за затворање на границите во крајна сметка ќе доведат до тоа Шенген зоната да се претвори во мал клуб од северноевропски земји, веројатно модел за идната еврозона и тоа ќе биде првот чекор на поделба на ЕУ, стои во текстот.

Авторот на статијата оценува дека договорот со Турција ќе се одрази и на дебатите за британскиот референдум за Брекзит.

– Дали таборот, кој го поддржува излезот од ЕУ нема да се изјасни против патувањето без визи на 75 милиони Турци?, прашува авторот.

Според него, секој човек загрижен за демократијата и човековите права ќе жали поради договорот.

– Истото би го мислел и секој, кој стравува од германската доминација во ЕУ, со оглед на тоа што договорот беше инициран од Ангела Меркел. Германскиот канцелар имаше итна потреба од него, за да се извлече од тешкотиите, во кои самата се стави. Имено нејзината еднострана одлука да ги отвори границите на Германија ја претвори бегалската криза од лесно решлива, во ситуација која не може да се контролира, се додава во написот на „Фајненшл Тајмс”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top