Македонскиот ракометен шампион, екипата на Вардар за следната сезона се засили со 22-годишниот Рожерио Мораес Фереира, младински репрезентативец на Бразил.
Рожерио потпиша тригодишен договор со „црвено-црните“, со важност од следната натпреварувачка 2016/2017 сезона. Игра на позиција пивотмен. Бразилскиот, 204 сантиметри висок, „џин“ сезонава настапуваше во Кил, каде дојде од Бразил откако германскиот тим препозна во него талентиран играч. Настапуваше со двојна регистрација и за третолигашот Алтенхолц. Тој треба да биде достојна замена за Алем Тоскиќ кој на крајот од оваа сезона ќе се пресели во редовите на Горење.
Сезонава Рожерио настапуваше за Кил и во Лигата на шампионите на 12 натпревари од групната фаза и постигна 4 гола. За Кил има досега одиграно вкупно 26 натпревари и постигнато 11 гола.
– Во Рожерио Мораес Фереира препознавме талентиран играч кој допрва треба да ги искаже квалитетите што ги поседува. Тоа што има една година сериозни тренинзи и настапи во Германија, за екипите на Кил и Алтенхолц го потврдува нашето мислење дека во него има потенцијал. Затоа се договоривме да остане кај нас во следните три сезони со цел да има време на привикнување и прикажување на талентот и квалитетот. Со него ќе можеме уште подобро да ја засилиме одбраната, но истовремено да имаме и робусен играч во напад. Веруваме во неговите квалитети, и подготвени сме да почекаме извесен период за да може и самиот играч да се прилагоди на нашиот систем на тренирање и играње – вели извршниот директор на Вардар, Давор Стојановски, за официјалната интернет страница на клубот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.