Претставите на режисерот Коле Ангеловски (73) ги гледале повеќе од два милиона луѓе. Значи сите насмеани си заминале по претставите, со убаво чувство. Ангеловски е актер, театарски и филмски режисер и сценарист, писател и раскажувач, режисер на најгледаната претстава во Драмски театар „Солунски патрдии“, која има официјални 335 изведби за 29 години, а со гостувањата бројката сигурно е преку 400. Втората верзија на „Солунски патрдии“ Ангеловски ја направи пред три години и веќе се ближи кон 50. изведба. Нема режисер кој работел повеќе претстави во Драмски од него, а во неговата биографија е запишано дека играл во најскапите филмови во историјата на југословенската кинематографија. Глумењето во филм отсекогаш му причинувало радост, а режирањето во театар огромно задоволство. Тој е режисер на „Викенд на мртовци“, еден од култните филмови. Има преку 20 улоги во театар и повеќе од 40 улоги на филм. Добитник е на најголемите театарски и државни награди. Леуново е неговиот микрокосмос. На 18 април треба да почне со снимање на една филмска комедија, „Ах, љубов моја“. Со оваа претстава беше отворен Театар Комедија и по неа Ангеловски направил сценарио. Со истата екипа од претставата ќе го снима и филмот.
Или ли режисер кој работел повеќе претстави од Вас во Драмски театар?
АНГЕЛОВСКИ: Нема. Имам режирано 36 претстави во Драмски. Во пензија отидов во 2008 година и оттогаш режирав две – „Солунски патрдии“ и „Капетанот Џон Пиплфокс“. Четириесет и девет години континуирано поминав во Драмски, поминувајќи ги сите фази на театарот. Тука сум од почетокот, кога се споија Куклениот театар и група актери кои преминаа од Македонскиот народен театар во Драмски театар. Слободно може да се каже дека тоа беше актерскиот врв на МНТ. Се направи јадро на образовани луѓе. Со една генерација на навистина талентирани луѓе кои почнаа поинаку да мислат и поинаку да прават претстави од тоа што беше МНТ. Како доаѓаа нови генерации актери, Драмски театар стануваше сѐ помоќен театар. Потоа дојде Слободан Унковски и Горан Стефановски со неговите текстови, потоа Љубиша Георгиевски, Димитрија Османли, па почнаа да доаѓаат режисери од странство. Периодот меѓу 70-тите и 80-тите години од 20. век Драмски татар беше во „шпицот“ и тоа во југословенски рамки. Тогаш, каде и да се појавевме, секаде земавме награди.
Претставата „Солунски патрдии“ е легенда не само на Драмски театар, туку и пошироко. Сигурно има многу анегдоти поврзани со неа.
АНГЕЛОВСКИ:„Солунски патрдии“ е навистина еден феномен кој е тешко да се објасни. Многу е битно дека има огромна разлика меѓу она време, пред повеќе од 30 години кога „Солунски патрдии“ беше првпат поставена и сега. Гоце Тодоровски ги има одиграно сите 335 претстави во Драмски театар на „Солунски патрдии“ и тоа е куриозитет. Тогаш се одеше во театар, во кино, на концерти, се одеше на места каде што се случуваа работите. Сега сѐ е на телефон, дури не е ни на компјутер. На телефони се гледаат филмови, што има ново во театрите. Тоа е огромна разлика што не може да се споредува. Женската верзија на „Солунски патрдии“ е најконстантната претстава што јас сум ја направил. Еве, веќе 50 претстави се одиграни и уште постои радост и компактност на ансамлот и тоа посебно ми прави ќеф. Ние имавме среќа да живееме за нас, во тоа среќно време, кога на државата ѝ беше многу важно да се натпреварува. Неверојатно е, но Скопје во тоа време беше еден голем културен центар. Тука гостувал Оскар Питерсен, еден од тројцата најголеми џез-пијанисти. Големи музичка имиња од класичната музика гостуваа тука. Московскиот театар, театри од Франција, Англија доаѓаа кај нас. Денес, ако дојде некој на МОТ, среќни сме. Во тоа време уметноста беше на друго ниво.
Покрај тоа што сте во пензија, имате многу солиден континуитет во работата, во режирањето, во пишувањето театарски претстави, сценарија. Од каде таа енергија?
АНГЕЛОВСКИ: Јас така живеам цел живот. Станувам рано, пред да одам да работам, седнувам на компјутер и пишувам, час или два. Преведувам, пишувам комедии, сценарија, и тоа ми е начин на живот. Имам преведено повеќе од 50 текста за театарски претстави кои првпат се преведени на македонски јазик.
Вреди ли човек да се занимава со оваа работа?
АНГЕЛОВСКИ: Вреди. Со покојниот Бранко Ѓорчев, непосредно пред неговата смрт, седевме во неговата канцеларија. Тогаш ја подготвував женската варијанта на „Солунски патрдии“. И тој ми вели: Знаеш, ти завидувам како живееш и начинот на кој живееш“. Одмолчев малку и му одговорив дека сѐ е личен избор. На почеток на кариерата мора да има некој господ да те види во толпа народ и да те извади. Потоа, сè што правиш, е твој личен избор. Така јас го избрав животот и имав среќа. Завршив академија, се вработив во Драмски татар, снимав серии. Имав богат и исполнет живот и плус ме плаќаа за тоа. Го работев тоа што го сакав, а за тоа добивав пари. Поубаво од тоа, здравје!
Дали тоа што го сработевте во овие пет и пол децении ве прави горд човек?
АНГЕЛОВСКИ: Задоволен сум. Не знам дали сум горд. Сум имал и големи претстави, но и помалку добри. Јас сум мајстор. За мене пробите биле радост. Ако веќе сакаме да правиме нешто, тогаш да го направиме убаво, на сите да ни носи задоволство, зошто да имаме кавги? Секогаш сум сакал претставите што сум ги правел да им приредат радост и на актерите и на публиката.
Дали денес недостига да се живее за театар?
АНГЕЛОВСКИ: Многу недостига. Лично, сметам дека не е во ред Унковски, кој ги има донесено најголемите награди во Драмски театар, сега да не работи во театарот. Премногу се отворија тезги. Денес не можеш да седиш на проба без актерите да гледаат во телефоните. Барем 20 години Драмски имаше актери кои беа ѕвезди и луѓето доаѓаа специјално само нив да ги гледаат почнувајќи од Драган Спасов Дац, Дејан Лилиќ, Јелена Жугиќ, Билјана Беличанец Алексиќ, да не ги спомнувам Дади, Мешко, Гоце, Ванчо… Денес на пробите се доаѓа една минута поред почетокот, порано се доаѓаше најмалку половна час или 40 минути пред пробата. Театар без бифе не е театар. Посебно во Драмски. Од кога јас паметам, сѐ легенди бифеџии го водеа бифето во Драмски. Тие луѓе му даваа душа на театарот. Половина претстави се направени во бифе. „Глумците пеат“ настана во бифе.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.