Домашните екипи во стартните мечеви од плејофот во НБА продолжија да доминираат и вечерва, и сега имаат скор од 6-0, пред последните два дуели ноќеска. По премиерниот ден, вчера, кога славеа Њујорк против Бостон, Бруклин со Чикаго, ЛА Клиперс против Мемфис и Денвер со Голден стејт, пред малку и Индијана беше подобра од Атланта со 107-90 и Сан Антонио лесно ги совлада ЛА лејкерс со 91-79.
Без Коби Брајант Лејкерси се апсолутни аутсајдери против Сан Антонио, а тоа се потврди и во првиот меч од серијата до 4 победи во првото коло од доигрувањето во западната конференција. Во дуел на две олстар тројки, подобри беа мамузите Паркер, Данкан и Џинобили, против Хауард, Неш и Гасол. На гостите им недостигаа поените на Брајант за кого сезоната е завршена. Хауард и Гасол одиграа одлично под обрачите, комбинираа 36 поени и 31 скок, но Сан Антонио е пресилен за Лејкерси на бековските и крилните позиции. Тони Паркер даде 18 поени со 8 асистенции, Џинобили имаше ист ефект во поени, а Данкан додаде 17 поени со 10 скока.
Сигурен старт имаше и Индијана во серијата со Атланта. Пејсерс ги предводеше Пол Џорџ со 23 поени, од кои дури 17 се од линијата за слободни фралања. Џорџ промаши само еднаш од 18 обиди, а клуч на победата беа стартерите на Индијана. Сите петмина имаа двоцифрен ефект, за разлика од гостите кои имаа само тројца расположени поединци. Патем тие ја загубија и битката под кошевите со само 32 скока, дури 16 помалку од Индијана.
Ноќеска шампионот Мајами ја почнува одбраната на титулата со првиот плејоф настап против Милвоки, а во последниот дуел Оклахома ќе го пречека Хјустон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



