Дури 64,3 проценти од анкетираните граѓани немаат доверба во работата на Катица Јанева и на Специјалното јавно обвинителство, покажуваат резултатите од анкетата на Институт „Павел Шатев“.
Поголем е процентот на тие што сметаат дека обвиненијата од СЈО се политички мотивирани. Дури 67,8 проценти од испитаниците одговориле дека обвиненијата од СЈО за одредени функционери се неиздржани.
Обвиненијата на СЈО кон одредени функционери на власта нема да влијаат врз одлуката за кого би се определиле граѓаните на следните избори. Таков одговор посочиле дури 88,4 проценти од анкетираните граѓани. Само 5,1 проценти од испитаниците посочиле дека обвиненијата би им влијаела на одлуката.
67,2 проценти од анкетираните 1.075 граѓани посочиле дека работата на Катица Јанева и СЈО претставува обид за политички притисок врз власта. 19,8 проценти, пак, во функционирањето на СЈО препознаваат унапредување на правниот систем.
Ова се дел од резултатите од телефонската анкетата на Институтот „Павел Шатев“ спроведена во период од 13 и 15 март годинава. Биле опфатени 1.075 испитаници од сите шест изборни единици. Од институтот наведуваат дека биле опфатени повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а направена е поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина.
-Со оглед дека целта на анкетата беше да се дознаат перцепциите на граѓаните кои во најголем дел гласаат за двете најголеми партии во Република Македонија, односно за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во анкетата не беа вклучени испитаници Албанци, со оглед дека тие генерално гласаат за етничките албански партии. Сите останати етнички заедници беа вклучени во истражувањето- додаваат од Институтот „Павел Шатев“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.