| четврток, 6 декември 2018 |

За една година во Грција пристигнале околу милион мигранти

Од почеоткот на годината во Европа преку Средоземно Море пристигнале над 152.000 мигранти и бегалци, при што 456 лица загинале или исчезнале обидувајќи се да стигнат до европските земји, на брифинг во Женева информира портпаролот на Меѓународната организација за миграции, Џоел Милман, цитиран од ТАСС.

Меѓународната организација за миграции (ИОМ) наведува дека од почетокот на годината до Европа пристигнале точно 152.697 мигранти и бегалци.

Главниот дел од нив пристигнале на грчките острови (143.205), а останатите во Италија (9. 492).

Според Милман, неколку стотици мигранти и бегалци пристигнале во Шпанија, но ИОМ се уште не е информирана за тоа од шпанските власти.

Што се однесува до Грција, освен пристигнатите 143.205 лица по море, властите информираат дека 1.013 лица грчката територија ја минале и по копно од Турција.

Сегашниот прилив на мигранти и бегалци Милман го карактеризира како суштински, бидејќи само меѓу 11 и 13 март во Грција преку Средоземно Море пристигнале над 4. 000 бегалци.

Според неофицијални броења на ИОМ, од почетокот на 2015 година Грција примила 996.855 мигранти и бегалци кои стигнале по морски пат. Прагот од милион мигранти и бегалци ќе биде достигнат оваа недела, констатира портпаролот.

Милман информира околу 13.000 мигранти и бегалци во моментов се наоѓаат на границата со Македонија, а уште 2.000  на 20 километри од границата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top