Андреа Лекиќ и следната сезона ќе биде дел од тимот на Вардар. Српската интернационалка и клубот ги договорија условите за продолжување на соработката според кој најмалку до јуни 2017 година Лекиќ ќе биде дел од екипата на „црвено-црните”
Со нејзиното останување во Вардар се заокружува задржувањето на костурот на тимот кој и во следната сезона ќе биде уште посилен. Новиот договорот е потпишан на една сезона, со можност истиот да биде продолжен за уште најмалку една.
Извршниот директор на Вардар, Давор Стојановски и официјално ја потврди информацијата која навивачите на ЖРК Вардар и симпатизерите на Андреа Лекиќ долго ја очекуваа.
– Со задоволство можеме да потврдиме дека и Андреа Лекиќ останува наша ракометарка в година, со што продолжи трендот на задржување на клучните и квалитетни ракометарки во тимот. Таа е важен дел од алката во нападот на Вардар и среќни сме што двете страни го потврдија задоволството од досегашната соработка. Верувам дека и Лекиќ е гладна за нови успеси, исто како што е и Вардар, и посакувам во иднина соработка да биде уште подобра и поуспешна. Убедени сме дека заедно ќе имаме нови резултати на кои ќе се радуваме – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
Андреа Лекиќ веќе трета година е во екипата на ЖРК Вардар, а во првите две сезони беше една од најдобрите ракометарки на тимот кој се пласираше на завршниот турнир во Лигата на шампионите во Будимпешта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.