| четврток, 6 декември 2018 |

Компанијата на претепаниот таксист застана во одбрана на вработениот

стефани

Педесет и тригодишниот таксист од Скопје во средата наутро ја превезол до дома Стефани Б. (20), која се самоуби само неколку часа потоа. Се истражува дали има вистина во сомневањата дека ја силувал младата девојка, односно зошто бил натепан од пријателот на мајката на Стефани. Во компанијата каде што е вработен, за „Утрински“ велат дека се уверени дека  нивниот вработен е невин, а тоа, наводно, го потврдиле и првичните резултати од ДНК-анализите, пишува Утрински весник.

-Тој човек кај нас работи со години, станува збор за чесен работник и воопшто не се сомневавме дали е виновен. Му беше земен материјал за ДНК- анализа, која докажа дека е чист. Подготвуваме тужба против мајката на девојката, која со своите лажни тврдења нанесе штета на целиот еснаф – велат во скопската такси-компанија.

Стефани Б. во петокот беше погребана на гробиштата во Бутел. Нејзината смрт и натаму предизвикува огромно внимание во јавноста поради низата контроверзии. Талентираната пејачка скокна во смрт од покривот на деветтокатницата, во која неодамна се всели со мајка си, во населбата Аеродром. Нејзината мајка тврди дека ќерка ѝ ѝ се јавила од мобилен телефон додека се возела во такси-возилото и со плачење побарала спас. Кога излегла од возилото, Стефани, наводно, била со искинати парчиња облека, поради што пријателот на мајка ѝ го натепал таксистот. Инцидентот се случил во 4.30 часот, а е пријавен во полиција околу 15 часот. Самоубиството се случило околу 12 часот. Останува нејасно зошто со часови се молчело за тоа.

Инаку младата Стефани Б. (20), која пред три дена си го одзеде животот скокајќи од покривот на деветтокатницата во која живееше во скопската населба Аеродром, беше талентирана уметничка и пејачка, пред сè, велат нејзините најблиски. Се натпреваруваше на Детската евровизија, каде што го освои второто место со песната „Гулапче“, влезе во четвртфиналето на „М2“, беше дел од првиот „Икс-фактор“, ја помина тешката аудиција за Госпел хор. Учеше во средно музичко училиште, беше А-класа вокал. Црташе и свиреше на повеќе инструменти, а беше внука на музичката легенда, Драган Каранфиловски-Бојс.

-Идниот месец требаше да замине во САД и да работи на брод. За таа цел, мораше да помине и низ ригорозни лекарски прегледи- велат блиските на девојката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top