| четврток, 6 декември 2018 |

Утре е чист понеделник, еве што треба да направите

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости.

На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн.

Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.
Во врска со овој празник се и карневалите што се одржуваат во Струмица и Прилеп.

Празнувањата во Струмица се во врска со тримерските празнувања, кога се изведуваат богати обичаи за свршените. Обичаите со варењето на посен (бел) грав, со синиите, пеењето на еротски песни и играње на орото „Црна кокошка“, посетата на Цареви Кули и сл. отсекогаш го привлекувале вниманието на намерниците и случајните минувачи.

Во карневалот, пак, што се одржува во овој град по повод овој празник очигледни се влијанија на големите светски карневали. Карневалот во Прилеп е впечатлив по автентичните маски од мечки кои ја продолжуваат вековната традиција на празнувањето на касапите од овој град.

Празникот Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани богати обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, а забавите, како што се оние околу огновите, гатањата за среќа, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top