| четврток, 6 декември 2018 |

Луис Енрике: „Рафа е идеален пример каков еден спортист треба да биде“

luis-enrike

Тренерот на Барселона застана во одбрана на својот сонародник, после обвинувањата од Франција против тенисерот Рафаел Надал.

За потсетување, вчера во светските медиуми одекна жестокиот напад на поранешната француска министерка за здравје и спорт, Роселин Башело, која изјави дека Надал во 2013 година паузирал од терените поради допинг, а не поради повреда, како што било соопштено во јавноста.

Надал најави тужба по овие обвинувања, а во негова одбрана застана и тренерот на Барселона, Луис Енрике, за кого Надал е „идеален пример каков еден спортист треба да биде“. Тренерот на Барса со една интересна констатација покажа колку му верува на Надал:

„Немам доволно информации, но мислам дека има поголеми шанси јас да бидам допингуван отколку Рафа. Надал е извонреден атлет и имам многу доверба во него“, изјави Луис Енрике.

Сепак, откри дека Надал има една „мана“:

„Негова мана е само тимот за кој навива“, се пошегува Луис Енрике, имајќи во предвид дека Рафа навива за лутиот ривал на Барса, Реал Мадрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top