| четврток, 6 декември 2018 |

Њујорк подобар од Бостон во премиерата од плејофот во НБА

Њујорк никс го победи Бостон селтикс со 85-78 во премиерниот меч од плејофот во НБА. Најдобриот стрелец во Лигата од регуларниот дел, Кармело Ентони повторно блескаше и со 36 поени ја разби одбраната на Бостон. Особено добар беше во ударот за три поени со 4 погодени шута од 6 обиди. Џеј Ар Смит со 15 поени беше втора виолина во победничкиот состав, а вистински куриозитет е настапот на центарот Тајсон Чендлер. Тој мина на паркетот 21 минута и немаше ниту еден удар кон кошот на Бостон.

Уште полошо мина Џејсон Тери кај поразениот тим. Упати дури 9 удари, без ефект и тој остана без поени за 20 минути игра. Шутот му беше катастрофален со 4 утки за тројка и еден за два поени. Џеф Грин се обиде да ја поправи лошата игра на резервните кошаркари на Бостон кои дадоа само 4 поени, но и неговата добра игра и 26 поени беа премалку за успех на Келтите од Бостон. Пол Пирс додаде 21 поен за гостинската екипа која настапи со само 8 кошаркари.

Натпреварот почна со една минута молчење во чест на жртвите од бостонскиот маратон. Вториот меч од серијата „прв до 4 победи“ се игра повторно во Њујорк за три дена.

Kevin Garnett

Во тек е и вториот дуел од плејофот, но овојпат од западната конференција меѓу Денвер и Голден стејт, а ноќеска ќе играат и Бруклин против Чикаго, односно Лос Анџелес клиперс со Мемфис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top