| четврток, 6 декември 2018 |

Портпаролката на Хан му држи лекции на Уставниот суд како да одлучи за помилувањето

маја

Предупредување и своевидна лекција до македонскиот Уставен суд да не презема чекори „спротивни на одлуките на Собранието и политичките партии и ги минира напорите на ЕУ и САД за кредибилни избори“ изрази Маја Kоцијанчич, портпаролката на еврокомесарот Јоханес Хан, пишува „Дневник“.

Таа нагласува дека тоа ќе биде контрапродуктивен чекор.

– Секоја сугестија за неказнивост во однос на изборните злоупотреби ќе биде контрапродуктивна за напорите на меѓународната заедница која сака да се создадат услови за кредибилни избори. Во однос на влијанието што тоа би можело да го има на предвремените парламентарни избори, како што предвидува договорот од Пржино, нивната цел е да бидат клучен чекор во реформскиот процес кој ќе ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и ќе ~ помогне на земјата да ја надмине политичката криза – нагласи Kоцијанчич додавајќи дека секоја акција која е спротивна на оваа цел мора да биде избегната.

На изјавата на портпаролката на Јоханес Хан вчера реагира претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева. Во реакцијата, која е нејзин личен став, таа во изјавата за „Дневник“ рече дека Уставниот суд има конкретен предмет за одлучување, кој ѝ е доста познат на јавноста, поврзан за тоа дали направените измени и дополнувања на Законот за помилувањето се во согласност со уставните одредби. Гошева потсетува дека судот ја цени уставноста на законот, а не неговата примената, а тензичната политичка атмосфера во овој предизборен период во најголем дел е концентрирана во негирање на институциите и стручниот и професионален кредибилитет на тие институции во земјава, особено на Уставниот суд на РМ.

– Дефинитивно, проблемот е димензиониран вештачки, со цел политичко профитирање на активистите што доаѓаат од разни центри на интереси, а сакаат Уставниот суд како институција и персонално да се девалвира, само за да си ги остварат своите политички цели! Закони во земјава има, тука се и Kривичниот законик и процесните закони. Сторителите на кривичните дела биле и ќе бидат гонети, процесирани и казнувани, но во постапки согласно со законот, а не на улица со пароли, мегафони, медиуми или оцрнување на Уставниот суд и други надлежни институции. Примената на законите во правниот поредок на Р. Македонија не е предмет на Уставниот суд. Тој не се занимава со примената, туку со уставното право. Не може неуставен закон да биде политички проблем – нагласува во својот личен став Гошева.

Таа додава дека ослободувањето на правниот поредок од уставно дефектни закони е цел на едно правно успешно, демократско општество.

– Оттука, никој не може да му каже на Уставниот суд да не си ја врши својата уставна надлежност затоа што политиката тоа го барала. Уставниот суд на Р. Македонија нема да подлегне на политиката! – потенцира претседателка Гошева за Дневник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top