Можеби најдобрата шега е дека Катица и СЈО аплицирале за бесплатна правна помош за социјалците, а токму поради очигледниот факт дека не го познаваат законот таа би им била добредојдена. Во дузина случаи го прекршија, така што правна помош, особено бесплатна, и тоа од државата, чиишто закони не ги признаваат, би била одличен дел од апсурдниот мозаик на гротескната сцена во која истата таа држава се најде. Не би ве зачудило да дознаете и дека се пријавиле како пензионери и одат на бесплатна бања. Привремено го затвориле СЈО. Се пензионирале за викендот. И точка. Ако можат да се и земјоделци и обвинители, тогаш ништо не може да ве изненади. Секоја чест на афинитетите, мултиталенти. Луѓето, едноставно, си знаат да прават пари од секоја ситуација и по секоја цена, законски или не. И сето тоа би било поинаку кога не би биле „луѓе од законот“. А кога го кршите, макијавелистички влетувајќи во ред глупости и проневери само за да извлечете пари од државата, е тогаш имате проблем. Најмногу морален, СЈО проблем. СЈО како кратенка за – СПЕЦИЈАЛЕН И ЈАСНО ОЧИГЛЕДЕН…
Кооперацијата во Мрзенци жали по земјоделецот што замина во СЈО…
Гевгелија е позната по кајсиите и по смоквите. Првите ги знаат како ѕрѕелии, а вторите си се смокви и на дијалект. Ретко кој би погодил дека Јанева има такви афинитети, но таа, едноставно, не престанува да изненадува. Тамам мислевте дека сте чуле сѐ, па дознавате нешто ново. Потсетува на некого, нели? Реално, Мрзенци и Муртино се на само 57 километри оддалеченост, но близината со Заев е и по други карактеристики. Лидерот на СДСМ стана познат по контингентите отровни корнишони, а како слабост на специјалната обвинителка се покажаа смоквите. Зеленчук и овошје, но и двете се зелени. Не е регистрирана, но, можеби, едноставно, таа си е земјоделец во душа, што и не е никаков грев, напротив. Специјален земјоделец што не знае со земјата. Па и како обвинителка ги прекршува законите, нели? И неколкуте законски пропусти во апликацијата не се толку страшни. Секако, ако ги споредите со законските пропусти на СЈО – немањето записници, епското доцнење со предавањето на материјалите и фактот што за неверојатниот, мултиплициран број разговори дознавме од дуелот на Латас и на Заев, утките во барањето за добивање државно земјиште по субвенционирана, багателна цена се смешка. Најновата информација вели дека не е СДСМ тој што најмногу жали за нејзиното именување за лидер на СЈО, иако е разочаран од нејзиниот ефект, ниту еден професор од правниот факултет во Скопје, кој по изборот на составот на СЈО на колегиум дошол со зборовите „ММЕ, јас па глупав и костум си купив! Еееј, и тим си напраив, а они Катица?!“ Најмногу жали, сепак, кооперацијата во Мрзенци. По веста дека со именувањето во СЈО загубиле таков ортак – земјоделец, тамошните земјоделци во траурно расположение испиле по една гајба пиво и дузина конзерви „месен нарезок“ со вегета. Сето тоа во бакалска хартија. Башка, нивата останала иста – празна, со трева и со изгорени борови. А таков потенцијал…
Шума смокви за мега-производство на смоквини листови за Заев и за СДСМ?!
Интересно е што пред точно еден месец во истата оваа рубрика на „Република“, во текстот „Специјална фабрика за афери“ политичкиот аналитичар Александар Пандов улогата на Јанева ја опиша како, верувале или не, но смоквин лист. „За огромна жал на цела македонска јавност, специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим ја презедоа улогата да бидат смоквин лист на Зоран Заев и на СДСМ. Место да го ангажира целиот свој тим во наоѓањето одговор на основното прашање – кој и за чии цели го прислушувал државниот врв на РМ, прашање што го интересира секој граѓанин, таа, гледаме, се зафатила со мафијашки методи на изнуди, идентични како и на нејзиниот ментор, Зоран Заев…“- изјави тогаш Пандов за „Република“. Дали Јанева и СЈО буквално ја сфатиле пораката, па сакале од шумата од смокви да ги искористат илјадниците листови за да ја сокријат голотијата на нивните случаи и предмети, како таа во „Титаник“? Веројатно ни тоа не држи вода, поради фактот што Катица аплицирала за смоквини насади уште во септември 2015 година. Поверојатно, таа знаела уште од самиот старт со што и со кого си има работа, па уште од тогаш, превентивно, подготвувала многу смоквини листови за да ја затскрие голотијата на предметите за кои имала индиции дека нема да држат вода. Уште поверојатно, можеби сакала навистина да насади 100 проценти од површината со смокви, иако биле само 30 проценти со што ѝ пропаднал обидот што го утврдила комисијата на терен, настрана што и нивната старост не одговарала на пропишаните услови во јавниот повик. Сто проценти од земјиштето насадено со смокви би значело 70 насто повеќе смоквини листови, толку многу потребни за „Титаник“, па и за тие што се најавени и кои ќе следуваат. Иако и за нив, за неуспехот на СЈО ќе биде виновен судот. На ред ли е сега „Карпатија“, која како и при вистинската бродска несреќа во 1912 година, ќе треба да спаси дел од давениците, овој пат не од РМС „Титаник“, туку од СЈО „Титаник“ и нивните штитеници од опозицијата, брод што симултано ќе треба да го спаси рејтингот на СДСМ, кој натоварен со „бомбите“ тоне побргу и од најголемиот крстосувач. Индикативно сврзувачка е и годината. Истата таа 1912 година, кога потонал најлуксузниот крстосувач, на територијата на Македонија се одвива Првата балканска војна, која завршува следната година со катастрофални резултати – Македонија загубила сѐ што имала: територијата распарчена, народот испогинат, живите цел на асимилација на новите стопани, историјата погребана. Зоран Верушевски, кого Катица го пушти да се брани од дома, предвиде војна, иако граѓанска, како резултат на „бомбите“. Тие, пак, успеаја само да го урнат и така лошиот рејтинг на партијата. Слична процена како со небулозниот „Титаник“ на Јанева. Кога не оди, не оди – гарант и во спортските обложувалници се исмеваат со опозициските стратези, а сопствениците тријат раце кога ќе ги видат…
Разговорите си протекуваат, а СЈО си свирка
Како и да е, карванот на СЈО и натаму си врви по патот предвиден од Јанева. Маршрутата му ја знае само таа или, сепак, со неа е запознаен макар еден самодеклариран спасител и неговата „поубава“ половина што милува јахти? Независно кај кого е кормилото, хроничниот недостиг од компас е очигледен. И натаму нема записник од добиеното од Заев, апсењето на Темелко и, дефинитивно, е незаконско, кривичните од малтретираните сведоци си стојат, а СЈО постојано си бара предмети што немаат врска со нивната улога и со причината за формирањето. Во меѓувреме, додека чекавме Јанева да собере храброст да ги побара од Заев, кај Чаушот се најдоа 70.000 причини за нивното постоење. Да, истиот тој со чијшто брат и сопруга Заев разговарал при неговото апсење. Што по мобилен, што по „вибер“. За апсурдот да биде уште поголем, истите тие „предадени“ разговори, кои кај Заев и СДСМ беа сигурни како во гроб и Форт Нокс, еден новинар-рекетар обвинет во случајот „Шпион“ си ги најавува и пушта од Србија. Помина еден, најави друг. Стигна и потврда дека биле од фондот на Чаушот, тие од фолдерот случајно насловен како „Заев СДСМ“. И додека цела Македонија се прашува кога ќе заврши ова лудило, а опозициските аудиозависници од „бомбите“ тријат раце за нова доза сеир, СЈО мудро молчи. Со нив е солидарен и техничкиот министер Спасовски, кој времето во МВР го тепа вработувајќи извикани и напатени кадри на СДСМ. Истовремено, СЈО го следи и бара домаќин, доставувач, хаузмајстор и двајца возачи. Слично на пожарникари што со насмевка поминуваат покрај запалена куќа. Јасно, изборите на 5 јуни наближуваат, а тие се до гуша зафатени со „Карпатија“ или како и да го крстат новиот политички инструиран предмет. Знаете, реанимација на клинички мртов рејтинг не е шега. Уште потешко што ги води земјоделец од Мрзенци, а не хирург…
Костов: Сикофантите сакаат да направат мајмуни од нас
Во последната колумна јас напишав дека 2016 година е година на огнениот мајмун и сѐ е можно, вели колумнистот и поранешен обвинител Сотир Костов.
КОСТОВ: Еве во оваа пригода тоа го конкретизирам со ставот дека домашните Колумбијци (Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Катица Јанева), потпомогнати од Сицилијанецот од САД (Џес Бејли) и Корзиканците од ЕУ (Ричард Ховит, Аиво Орав, Сергеј Станишев), упорно и тврдоглаво се обидуваат од Уставот и од позитивното право на Република Македонија, да направат мајмунска работа. Ни наметнуваат закони, кои се во спротивност со одредбите на нашиот Устав, формираат паралелни државни органи на веќе постојните, воспоставуваат поими и институции, дополнителен заменик на министер, досега непознати на модерната демократија, и невидени во ниту една напредна западна демократија. И сега пу, пу, договореното не важи, така му текнало на Заев, а меѓународните десперадоси, оп, оп, со малку притисок, малку рекет, малку демагогија, и еве задоволен е Заев. За медиумите и да не зборувам. Нѐ „силуваат“ еве неколку месеци, од специјалист за мачки да прифатиме нов Закон за медиуми, кој слободно може да се нарече Закон за инаугурирање на СДСМ за врховен и единствен суверен на и во медиумската сфера, пред, за време и по одржување на изборите. И сега некој ќе ми рече дека сум премногу строг што сите наведени персони, ликови и авторитети ги нарекувам Корзиканци, Сицилијанци и Колумбијци, кои преку меѓународен и домашен политичко-правен тероризам, од Македонија сакат да направат банана држава, а од сите нас мајмуни. Не, господа! Не сум јас строг. Извинете, ама не сум ни некултурен за дадените епитети. Ниту, пак, сакам некого на навредам. Напротив. Само се обидувам да бидам конкретен, објективен и прецизен во дефинирањето на овие персони и фактори. Тие се домашни лажговци, и меѓународни измамници. Се разбира, оваа метафора важи само кога ја обавуваат нивната срамна, измамничка и предавничка политика кон и во Македонија. Надвор од оваа дејност тие се примерни и загрижени државјани на Македонија, САД и на ЕУ. Заев и Шекеринска се добри и успешни бизнисмени, кои од заработените добивки си купуваат „ауди“, „порше“, или, пак чанти и костуми „шанел“, а богами и луксузни јахти. Во нив тие најдобро размислуваат за проблемите на граѓаните, за стандардот, за сиромаштијата, за социјалата. Катица да не биде куса, и таа решила, по заокружувањето на становите, по еден од 68 квадратни метри, по вториот од 72 квадратни метри, и по тој што ѝ недостигаше со повеќе од 80 квадратни метри, да стане и специјална за земјоделство, поточно специјалист за овоштарство, најконкретно – смокварка. Сите препораки за годината на огнениот мајмун се препораки за стартап-бизниси, инвестирање во личен развој. Во годината на мајмунот се пронаоѓаат неконвенционални решенија за старите проблеми. Катица сето ова го послушала и решила да ризикува. Се осмелила да биде поинаква, дека на тој начин може да успее. Тоа што се служи со блеф во поглед на природата на парцелата и не е толку важно. Знаеме, некогаш и блефот може да помине. Па позната ни е таа старата: „Кој ризикува, тој добива“.
Е, сега, тука, да си се пофалам: јас ова го предвидов и уште пред неколку месеци за Катица и за сличните на неа напишав дека се сикофанти, т.е. смоквари. Добро де, тоа се малку поспецијални смоквари од обичните, ама и Катица е специјална, па некако работата е во ред. Сега, што е за право, не сакам да бидам нечесен и да премолчам дека тоа се смоквари-поткажувачи, познати уште од стара Грција – луѓе што ги поткажувале тие што недозволено изнесувале смокви од Атина. Добро, денес, не станува збор за тоа, туку за поткажување и за изневерување на интересите на својот народ ина државата Македонија, ама никојпат ништо не се знае. Немам амбиција да бидам политички астролог како Фрчкоски, кој предвидуваше кој, кого и кога ќе го апси, ниту, пак, преку предвидувања на изборниот хороскоп, како што предвидуваше Заев, и сѐ уште го прави тоа, кога ќе има избори, ама, сѐ е можно, и сѐ е во игра. Еве на Катица ако ѝ тргне со овоштарството, и ги произведе најсочните смокви во светот, ете ти бум во Македонија. Економски, земјоделски, смокварски. Тоа што таа мамела пред државните органи, тоа што пред нотар давала изјави со неточни податоци и информации, и не е толку важно. Па таа е навикната на тоа. Тоа го правеше со становите, за да има лична корист, а ова со смоквите, чинам, е поинаква ситуација. Освен лична корист, мислам, можна е и голема добивка за Македонија, голем прогрес и развој. Само едно ме плаши: ако не се погоди времето и годината, може и од смоквите да не биде ништо, и ете ти нов „Титаник“ – па брод полн со недозреани смокви и нереализирани смоквари тоне. И кој ќе биде виновен за тоа? Секако, превртливата природа и измамничкиот карактер на мајмунот. Докажано е дека тој е избрзан, често не гледа кај скока и со кого влегува во судир, па така влетува и во незгоди. Од нив најчесто излегува со измами. Сега, кој кого тука прави мајмун, и дали ова е сериозна државничка работа или мајмунски сплетки, најдобро е да оставиме граѓаните на РМ сами да проценат и својата оцена или одлука да ни ја соопштат на изборите, кои еднаш мора да се случат, без разлика дали тоа им се допаѓа или не на Колумбијците, Корзиканците и на Сицилијанците, сите веќе наведени.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 183. број на неделникот „Република“, 4.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.