Видео проект од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски ќе бидe прикажан на меѓународна колективна изложба во галеријата Студио Плејс Артс во градот Баре, Вермонт (САД)
Изложбата под наслов “Ние, тие и вие” вклучува дела на дваесетина уметници од повеќе земји.
– Иако живеат на иста планета, многу генерации ги потенцираат своите разлики од другите а сличностите во рамки на сопствените дефинирани групи. Наместо групирање околу идејата дека сите постоиме заедно, ваквите екстремно перспективи од типот НИЕ наспроти ТИЕ се изразуваат како низ радикални така и низ општествено прифатливи начини преку разни и класни предрасуди, геноцид, војни, политичка корупција, распределба на ресурсите, и поттикнување на страв преку социјалните мрежи, се истакнува во текстот за изложбата.
Видео делото на Попоски на перформативен начин го критикува влијанието на општеството преполно со предрасуди врз претставата за поединецот.
Зоран Попоски (р. 1974, Скопје) магистрирал уметност во нови медиуми, а докторирал студии на културата. Има реализирано повеќе од 60 меѓународни изложби. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн.
Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.