| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски поети дел од антологијата „Гласови од Балканот“

Во петјазичната антологијата „Гласови од Балканот“ што деновиве излезе од печат во бугарскиот град Ловеч се застапени и песни од македонски поети.

Од ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга информираат дека покрај од Македонија, во книгата се застапени и поети од Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска.

Објавени се песни на македонските поети Борче Панов, Васил Тоциновски, Зоран Јакимовски, Љубинка Донева, Марина Мијаковска, Марта Маркоска, Петко Шипинкаровски, Ристо Јачев, Славчо Ковиловски, Стела Босилковска, Тоде Илиевски и Христо Петрески.

Бугарската поетеса Латинка Златна, која е и составувач на антологијата вели дека идејата била да ги обедини авторите во една книга на нивните мајчини јазици во превод на бугарски, но и да ги запознае бугарските читатели со современите автори од четирите земји.

– Во поетската антологија се вклучени љубовна лирика, философска и друга поезија. Одбраните текстови во неа се различни, возбудливи, романтични и применети, мудри, смислени и вистински – една богата палета на бои. Верувам дека оваа антологија ќе ги обединува и вдахновува читателите за заедничка работа и мисли со тие народи и со народите во целиот свет, истакнува Златна.

Антологијата „Гласови од Балканот“ треба да биде промовирана на 10 и 11 мај во Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top