Тринаесеттото издание на Моден vикенд Скопје ќе се одржува од први до четврти април под мотото „Да живеат осумдесеттите!“ Домаќин на настанот е салонот „Порше Македонија“, информираат организаторите.
Модното случување за сезоната пролет/лето 2016 година, ќе се одвива во духот на осумдесеттите години на минатиот век во кои започнаа револуционерните промени во модната индустрија. Ликот од визуелниот имиџ на новата сезона што го потпишува графичкиот дизајнер Дејан Зафировски е всушност илустрираниот лик на Ирина Илиевска, една од најпознатите манекенки кај нас во осумдесеттите.
– Осумдесеттите се години, кога облеката е инспирирана од односот меѓу модата и општеството. Декада кога на модата ѝ се отвораат вратите во уметничките галерии, клубовите, театрите и период кога модата станува сѐ „погласна и го зазема своето место“. Годините на силните бои, силните амбиции кај жените и кај мажите, Мадона, Вивиен Вествуд и Берлинскиот ѕид. Новите генерации сѐ повеќе ја оживуваат естетиката на социјализмот во гардероберите, мебелот, омилените кафулиња, животниот стил, а Моден викенд Скопје стариот стил на осумдесеттите ќе го преоблече во нова сезона – велат организаторите.
Генерален покровител на тринаесеттиот Моден викенд Скопје е „Пелистерка“, официјален партнер за шминка „Голден роуз“ во соработка со Зоран Шурбевски, а официјален партнер за фризура „Лакме“.
Четиридневното случување и овој пат ќе го одбележат голем број ревии од домашни дизајнери и дизајнери од регионот, модни изложби и добра забава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.