| четврток, 6 декември 2018 |

Владини грантови од 750.000 денари за отворање приватни старечки домови

дом

Седумстотини и педесет илјади денари неповратна финансиска помош ќе добијат тие субјекти што ќе аплицираат, ќе ги исполнат условите на огласот и ќе отворат нов капацитет на дом за стари лица.

Средствата кои ќе ги добијат од страна на државата субјектите може да ги искористат за обезбедување на основни средства, односно материјали и опрема која нема да смеат да ја отуѓат во период од три години.

Владините грантови субјектите ќе може да ги искористат за реновирање, адаптирање или изградба на просторот во кој ќе функционира новиот дом за стари лица, или пак за набавка на опрема и материјали за просторот на старскиот дом.

За овие 750 илјади денари средства кои нема да имаат обврска да ги враќаат може да аплицираат правни лица и физички лица кои се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување.

Проектот претставува позитивна можност за искористување од страна на лицата кои се невработени, но имаат идеја и потенцијал да започнат бизнис со отворање на дом за стари лица. Апликантите може да имаат и само бизнис план и идеја за функционирање на старскиот дом, а да ангажираат и вработат професионални лица за грижа и нега на старите лица.

Главен услов за добивање на средствата е отворањето на нов дом за стари лица, односно на нов капацитет за згрижување.

Веќе постоечките старски домови имаат право и можност да аплицираат на огласот, но средствата кои евентуално би ги добиле нема да може да бидат искористени за опремување или адаптирање на веќе постоечкиот простор каде што функционира домот, туку единствено и исклучиво средствата можат да бидат искористени за отворање на сосема нов капацитет, односно нов простор за старски дом.

-Нашата цел е зголемување на конкуренцијата во рамките на овој сектор што би придонело кон зголемување на квалитетот на услугите, но истовремено и намалување на цените за згрижување на стрите лица што би претставувало олеснување на семејниот и на индивидуалниот буџет. Овие  750.000 денари неповратна финансиска помош по единица субјект која ја доделува Владата претставуваат сериозна и значајна поддршка во заокружувањето на финансиската конструкција за реализација на бизнисте. Огласот е отворен и апелираме до сите заинтересирани субјекти да ги искористат можностите кои им стојат на располагање, да воспостават бизнис или да го прошират веќе постоечкиот со нови капацитети и на тој начин позитивни да влијаат на својата профитабилност, но и на вработување на лицата од соодветната струка, намалување на невработеноста што продолжува да биде основна и стратешка цел на Владата, вели владиниот портарол Александар Ѓорѓиев.

Заинтересираните правни лица и евидентирани невработени лица, при аплицирањето за треба да достават Бизнис план кој треба да содржи :

-Утврдена локација односно градежна парцела со намена за изградба на дом за стари лица или објект кој ќе се реновира и адаптира за оваа намена, врз основа ан Правилникот за основање и започнување со работа на установа за социјална заштита за стари лица и Законот за социјална заштита, кои се достапни на веб страната на министерството за труд www.mtsp.gov.mk

-Елаборат и архитектонска скица за изградба на нов објект или проект за реконструкција на објект согласно Правилникот и Законот, одобрен од страна на соодветната Комисија при министерството за труд

-Правното лице има обврска да реализира минимум 4 нови вработувањa во период на отворање на градинката и тоа две медицински сестри со средна стручна спрема и две лица негователки или геронто домаќинки, со обврска да ги задржи во работен однос најмалку 18 месеци .

Правните или физичките лица кои ќе отворат приватен дом за стари лица , со финансиска поддршка имаат обврска да обезбедат сопствен простор или да приложат Договор за закуп на простор за временски период од минимум 3 години.

Детали за процедурата може да се добијат преку веб страните на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top