Од 10 до 14 март, 2016 година, Театарот за деца и младинци ќе учествува на 10. јубилејно издание на Меѓународниот театарски фестивал за кукларство во Измир, Турција, со претставата „Бескрајни соништа“ во режија на Боњо Лунгов, информираат од Театарот.
Станува збор за еден од најголемите театарски фестивали посветен на професионалниот театар за деца и кукленото мајсторство, на кој годинава учество ќе земат преку 40-ина театри од цел свет.
– Посебна гордост и чест е што и нашиот Театар за деца и младинци, се најде на листата најдобри светски театри кои ќе земат учество на овој фестивал и тоа со четири изведби на претставата „ Бескрајни соништа“ во централните термини во програмата на фестивалот – велат од ТДМ.
Оваа претстава е направена во 2010 година со цел да се одбележи 20-годишниот јубилеј на Театарот за деца и младинци. Целта беше низ една претстава да се прикажат сите видови и типови кукли што продефилирале во куклените претстави на ТДМ. Општо прифатено е мислењето од страна на театарските критичари дека кога се работи за имагинарност, оригиналност и за фантазија, во овој проект режисерот Боњо Лунгов се надминал себеси и на нашата публика ѝ подарил уште една прекрасна претстава.
Претставата нема класична приказна, поделена е во неколку сцени кои можат да стојат и како посебни целини, споени со интересни промени од сцена во сцена.
„Бескрајни соништа“ во 2013 година е наградена на Суботичкиот фестивал Лутфест со престижната награда за оригиналност и фантазија. Во претставата играат: Татјана Павловска Кочовска, Ана Левајковиќ-Бошков, Драган Довлев, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Марија Ѓорѓијовска, Наташа Петровиќ, Мики Анчевски, Ненад Митевски и Мартин Јорданоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Театар за деца и младинци ќе го прави првиот македонски мјузикл за деца
-
Кренаре Невзати- Кери го постави Шекспир за деца во Театарот за деца и младинци
-
Театар за деца и младинци ја подготвува претставата „Сонот на Вилијам“ посветена на Иван Ивановски (фотогалерија)
-
Стотта изведба на „Цветната улица” на Театарот за деца и младинци