Зетовите што си го задржале своето презиме, но прифателе да живеат и да пријават адреса на имотот на
родителите на својата сопруга се сомнителни избирачи и ќе се проверуваат на терен како лица што не треба да бидат во Избирачкиот список. Ова произлегува од планот за проверка и статистички анализи, вкрстени проверки на разни бази и евиденција за ажурирање на Избирачкиот список на Државната изборна комисија – пишува Дневник.
Во рамките на планот, освен домазетите, има и други критериуми кои се малку чудни и кои сосема реални ситуации на различни презимиња во еден дом ги сметаат како сомнителни што се наоѓаат во Избирачкиот список. Според некои членови од ДИK, кои не ја оспоруваат теренската проверка, но кои детално го анализираат планот, ваквите критериуми значат само обид за одолжување на процесот на прочистување на Избирачкиот список, а со тоа и на изборите воопшто.
Kритериумите за тоа кој не треба да биде во Избирачкиот список
Сомнителните случаи се дефинирани во делот „Имиња во Избирачкиот список кои не треба да се таму“. Во овој дел дефинирани се пет поткатегории: починати лица кои сѐ уште се во Списокот, многу станари на иста адреса, државјани во странство кои немаат живеалиште во Македонија, гласачи наведени во повеќе од едно избирачко место, фиктивни гласачи со биометриски документи издадени од МВР.
Притоа проверки особено треба да се прават на куќи во кои има заведено над 20 гласачи, во станови во кои има заведено над 8 гласачи, на адреси каде што има шест варијации на презимиња, со тоа што машките и женските верзии на презимето се третираат како исти.
Но, токму во „Многу станари на иста адреса“ во точката 10 стои:
„Да се најдат гласачите по станови (т.е. адреси со број на станови кои не се празни) каде што има друг гласач со друго презиме на истата адреса, чија возраст се разликува за 10-15 години“.
Овој критериум не само што може да го исполнат домазетите, туку и брачните другари меѓу кои има поголема возрасна разлика бидејќи не е наведено дека машката и женската верзија на презимето ќе се третираат како исти, како што тоа е наведено кај другите критериуми.
И ова не е единствениот чуден случај. Kако сомнителни може да се сметаат и сите оние што живеат во брачна
заедница во која сопружниците си ги задржале своите презимиња или, пак, сите оние што се во вонбрачна
заедница, не се со голема возрасна разлика, но се заведени на иста адреса на живеење. Така пишува во точката 11 од делот „Многу станари на иста адреса“.
„Да се најдат гласачите по станови (т.е. адреси со ист број на стан кои не се празни) каде што има друг гласач со
различно презиме на иста адреса, чија возраст се разликува за два дена до 10 месеци“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.