Грешат сите кои што велат дека земјите во кои се гради мултикултурно општество немаат успешна иднина, изјави претседателот Ѓорге Иванов на предавањето во универзитетот МекМастер во градот Хамилтон во Канада пкаде што беше потпишан договор за соработка со македонски образовни институции.
– Во денешно време кога моделот на мултикултурализам во Европа не функционира поради односот кон муслиманите, Македонија покажува дека во неа муслиманите и христијаните од секогаш живееле заедно без никакви предрасуди и стравови. Македонија е земја која може да се пофали со нејзиниот специфичен однос кон различитоста, истакна Иванов.
Предавањето на претседателот Иванов се одржа на првиот ден од неговата неколкудневна посета на Канада, за време на која се предвидени повеќе средби со преставници на канадскиот политички врв, научната заедница, како и со преставници на организации на македонската заедница.
– Канада промовира поинаков начин на интеграција на општеството. Тоа е модел на интеграција без асимилација и се претпоставува дека тоа е модел на иднината. Обидите на старите европски држави да се справат со таа комплексност доведува до разочарување, подвлече македонскиот претседател на предавањето на „МекМастер“.
Според шефот на државата како што канадскиот модел на мултикултурализам е иднината на сите имигрантски општества, македонскиот модел е позитивен пример за сите мултиетнички општества во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


