Специјалното јавно обвинителство е орган кој е еден вид на канцер внесен во уставно правниот систем на Република Македонија, вели во интервју за телевизија Сител универзитетскиот професор Саво Климовски.
Според него секој општ акт, па и конкретните акти мораат да имаат основ во Уставот на РМ.
-Тој орган за мене ќе беше легитимен доколу тие 84 пратеници кои што го изгласаа него, неговото однесување, претходно направеа принудно менување на Уставот со 2-3 амандмани, да го утврдат, местото, организацијата, структурата и односите на СЈО не само со ЈО туку и со сите други органи во РМ. На овој начин, тоа делува како еден “лупус“ кој што самиот организам го создава и тој сега започнува да ги загризува и другите органи и затоа така арогантно се однесува, тоа е практично анархија, вели Климовски.
Во однос на разговорите кои се појавија и кои опозицијата ги пушти вели дека ќе има огромни последици.
-Веќе не знаеме кај кого е продадено, раздадено, купено и кој со што ќе уценува. СЈО може да манипулира како сака, нема архивски број, не знаеме што е заведено таму. СЈО си ја рашири својата дејност надвор од оние овластувања кои му се утврдени со закон, вели универзитетскиот професор.
Тој смета дека СЈО практично потврдува дека е орган кој нема свое сидро во правниот систем, а особено нема уставно правно сидро.
– А кога вие немате уставно правно сидро вие пловите, но главно пловите од ветерот од оној кој што ве донел во тие води, а знаеме кој го донесе тоа, дека тоа опозицијата го бараше и дека опозицијата цело време изразува недоверба не само во обвинителството туку и во целокупното судство или поточно речено во правораздавањето зошто тука се опфатени и многу други субјекти. Ако вие тоа јавно сидро го разнишате, во тој случај што очекувате, една крајна недоверба и се разбира секаква манипулација, вели Климовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.