| четврток, 6 декември 2018 |

Парламентарни избори во Словачка

Словаците од раните утрински часови одлучуваат за новиот состав на Парламентот, јави дописникот на МИА.

Фаворит за победа е владејачката партија СМЕР – Социјална демократија (СМЕР-СД) на актуелниот премиер Роберт Фицо, кој според претходните анкети на јавното мислење ќе го изгуби апсолутното мнозинство во Собранието.

Околу 4,4 милиони гласачи можат да изберат свои претставници од десетици партии и движења.

Истражувањата покажуваат дека од нив една третина има реална шанса да освои барем пет проценти од гласовите на електоратот, што е услов за освојување на пратенички мандат. За 150 пратенички места има речиси 2.900 кандидати.

Гласањето завршува во 22 часот, а крајните резултати треба да се знаат утре.

На апсолутната поддршка на партијата на Фицо, од пред четири години, влијаеше покрај другото и миграциската криза во ЕУ, која иако не ја засега конкретно Словачка, беше една од главните теми во земјата.

Владата на Фицо се спротивстави на обврзувачките квоти за примање на бегалци и против таа одлука на земјите на ЕУ поднесе тужба пред Европскиот суд на правдата.

Новиот владин Кабинет кој ќе се формира по изборите ќе го преземе и словачкото претседателствување со ЕУ, во втората половина на годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top