| четврток, 6 декември 2018 |

Рен: Драго ми е што на Македонија и оди добро во економијата

Драго ми е што на Македонија и оди добро во економијата, изјави евро-комесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен, на панел на институтот Брукингс во Вашингтон.

Рен, кој во Македонија е познат како комесар за проширување на Унијата од 2004 до 2010 година, во Вашингтон зборуваше заедно со некои од врвните функционери задолжени за справување со евро-кризата. Најави дека во текот на следната година може да се очекува конечно европските економии повторно да почнат да растат.

Прашан за споредба меѓу економската криза во јужните членки на ЕУ, и економската стабилност и раст во соседните држави од југот на Европа, кои се надвор од Унијата, како Македонија и Турција, рече дека е позитивна вест што на овие земји им оди добро во овој период.

– Тука дојдов директно од пленарна седница на Европскиот Парламент каде се зборуваше за Кипар и имаше навистина едно бомбардирање против програмата на европската Тројка и, поради некоја причина, против Европската Комисија. Ова се сериозни прашања и навистина потребно ни е градење мостови во Европа, меѓу стабилноста и солидарноста. Конечно, за Македонија и за Турција, сакам само да кажам дека е добра вест што на вашите земји, релативно гледано, им оди навистина добро во овој период. Во изминатите 20 години економскиот развој на Турција беше импресивен. Турција успеа да го зацврсти економскиот развој благодарение и на својата европска перспектива и ќе и оди навистина добро во иднина, изјави Рен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top