| четврток, 6 декември 2018 |

За користење неразградлива пластична кеса – казна 3.000 евра

plasticni kesi

Глоба од 3.000 евра ќе платат производители, трговци, пазарџии, аптекари вработени во киосци кои ќе употребат пластични кеси кои не се разградуваат, пропишува новиот Правилник за стандарди за биоразградивост, кој стапи во сила на 7 февруари годинава.

– Ова е последната мерка што Министерството за животна средина и просторно планирање ја презеде во насока на спречување, односно намалување на прекумерната употреба на пластичните кеси во земјава – рече министерот за екологија, Абдулаќим Адеми.

Правилникот пропишува кесите за транспорт на стоки, кои се пуштаат и употребуваат на пазар, да го исполнат стандардот МКС 1009,  кој ја определува биоразградивоста на кесите. За Министерството за екологија, што е предвидено и во новиот правилник,е прифатливо рокот за разградување на пластичните кеси да биде 180 дена.

Фирмите производители на пластични кеси, како што беше речено денеска во Стопанската комора, веќе го приспособиле производниот процес за производство на вакви кеси и не очекуваат намалување на побарувачката.

– Нивото на производство во почетниот период ќе остане исто како и досега, а понатаму ќе зависи од нарачките – појасни министерот Адеми.

Во однос на наплатувањето на кесите од страна на одделни трговци, министерот Адеми нагласи дека тоа не произлегува од законските обврски, туку од личниот став на самите трговци.

– Ставот на Министерството е дека наплатата на пластичните кеси влијае дестимулативно во поглед на користењето на кесите, но оправдани се реакциите од потрошувачите дека не е во ред кесите со лого на трговците со кое се рекламираат да се наплатуваат – рече Адеми.

Санкции за овие трговци, рече Адеми, треба да преземат другите државни институции, а Министерството за екологија ќе реагира само ако со таквото однесување се нарушува животната средина.

– Сепак, останува на личната совест на потрошувачите да ја намалат употребата на кесите, повеќекратно да ги употребуваат и да ја негуваат навиката за користење платнени торби – рече Адеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top