| четврток, 6 декември 2018 |

Основниот суд не ги дава копиите од доказите за „Пуч“ на СЈО, тие се класифицирани информации

судВо однос на барањето на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за доставување на докази и копии кои се дел од предметот со КОК. Бр. 77/15 во јавноста познат како „Пуч“, информираме дека судијата, надлежен за конкретниот предмет донел решение со кое се одбива барањето на обвинителството за доставување на копии од списи и електронски докази, бидејќи со тоа судот би направил директна повреда на обврската за чување класифицирани информации со оглед на фактот дека од надлежниот орган не е укината таквата обврска, а барањето на Обвинителството и решението на судијата се зановаат на член 81 од ЗКП.

Ова денеска го соопшти Основниот суд Скопје 1 – Скопје .

Член 81

Обврска за давање помош

(1) Правосудната полиција, јавниот обвинител и судот за потребите за водењето на кривичната постапка можат да побараат помош од судовите, јавното обвинителство, органите на државната управа и други државни органи, институции што вршат јавни овластувања и од органите на единиците на локалната самоуправа. Тие органи се должни да одговорат по барањето во најкраток рок, а можните пречки да ги отстранат без одлагање. По потреба нив може да им биде доставена копија од казнените списи.

(2) Органите на државната управа и другите државни органи можат да го одбијат барањето од ставот (1) на овој член, со образложена одлука согласно со нивните законски надлежности, ако на тој начин се повредува обврската за чување класифицирани информации, сè додека надлежниот орган не ја укине таквата обврска.

Обвинителството, потсетуваат во соопштението, уште на 09.02.2016 година до овој суд се обрати со писмено барање за доставување на копии од списи и листа на електронски докази, кое барање, судот со образложен допис го одби на 12.02.2016 година. Но, бидејќи обвинителството го повтори истото барање со исто образложение уште два пати и тоа на 17.02.2016 година и 26.02.2016 година, бидејќи не се согласуваат со образложението на судот, надлежниот судија донесе нова образложена одлука – согласно наведениот член:

– Судот ценејќи дека Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ја презело надлежноста врз конкретниот предмет, при што наведените списи и електронски докази не им биле доставени од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судот утврди дека постојат законски пречки за доставување на копии од наведените списи и електронски докази бидејќи во случајов се работи за докази класифицирани најнапред како државна тајна, а потоа со декласификација се набележани со напомената службена тајна. Од друга страна се работи за списи и електронски докази кои се сочинати од разни државни органи кои иститие ги класифицирале како државна тајна, па судот во никој случај не би можел да издава копии или преписи на овие класифицирани докази, особено без изречна дозвола и одобрение од државните органите кои ги издале, бидејќи тоа нема да бидат веродостојни копии согласно законот и други прописи, а судот не е оригинерен издавач на истите докази и списи.

Дополнително судот го извести посоченото Обвинителство дека сите овие докази веќе се наоѓале во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција кој е подносител на обвинителниот акт за конкретниот предмет и истите требале да обезбедат примероци од сите овие докази, а доколку тоа не го сториле воопшто не е пропуст на судот, уште повеќе што предметот се наоѓа во фаза на главна расправа.

Исто така Обвинителството, како странка во постапката, согласно член 81 од ЗКП, може да побара копии од бараните списи и електронски докази од органот кој ги издава и сочинува наведените докази, но судот во никој случај неможе да се впушти во постапка со која би ја прекршил обврската за чување на класифицирани податоци со форма и содржина како што тоа го бара ова Обвинителство.

Судот исто така имаше и предвид дека Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите како во претходниот перид кога во повеќе наврати им беше удоволено на сите нивни барања за вршење увид во сите докази од конкретниот предмет, Кривичниот суд и понатаму во било кој период од работното време на судот им става на располагање простории и технички можности на обвинителите од ова обвинителство да вршат увид во предметот.

Дополнително, со оглед на тоа дека овие докази веќе се составен дел на списите на предметот КОК Бр. 77/15, судот веќе му укажа на Обвинителството дека доколку смета, нема пречка во секое време да ги повлекува и да рапсолага со доказите на со закон утврден начин во рамките на нивните законски овластувања да предлага и повлекува докази, стои во соопштението.

Главната расправа за конкретниот предмет продолжува утре во 10:00 часот. Инаку, досега беа закажани 8 главни расправи, но сите беа одложени, а последните 2 беа одложени токму по барање на обвинителството заради увид во предметот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top