| четврток, 6 декември 2018 |

„Џамбо“ победа на Вардар во Сегед

vardar-2

Ракометарите на Вардар извојуваа фантастична победа на гостувањето против Сегед во рамките од претпоследното коло во Лигата на шампионите триумфирајќи со резултат 29-31 и успевајќи да го избегнат Кил за противник во осминафиналето од елитното европско натпреварување.
Избраниците на Раул Гонзалез против себе имаа одличен ривал, но благодарение на извонредниот Џамбо Милиќ на голот, како и на Шпанците Македа и Душебајев успеаја да одговорат на големиот предизвик, да одиграат најдобро кога беше најпотребно и да стигнат до значајна победа.

Натпреварот започна со изедначена игра на двете страни со многу грешки во нападот. Двата тима се менуваа во водството, но ниту една со повеќе од два гола. Во првиот дел одлични 30 минути одигра Хорхе Македа кој со четири гола и фантастична игра во одбраната го носеше Вардар сам на грб.
Кон крајот на првиот дел на голот застана Страхиња Милиќ кој со неколку интервенции ја навести одличната партија попладнево во Сегед.

MOL-Pick Szeged vs Vardar Skopje

Популарниот Џамбо одлично го започна второто полувреме успевајќи буквално да ги откаже Бобач и другарите, овозможувајќи им на своите соиграчи од нападот лесно да реализираат. Србинот цели шест минути не прими гол, а Вардар поведе со 14-17.
Милиќ одбрани уште еден зицер (осма интервенција во 12. шут откако влезе во игра), а веднаш потоа Карачиќ погоди на спротивната страна за предност од 16-20, по што Пастор беше принуден да земе тајмаут. Неговите совети не вродија со плод, па „вардарци“ стигнаа и до шест гола предност (19-25), уште на повеќе од десет минути до крајот решавајќи ги сите дилеми околу победникот. Пик Сегед во неколку наврати се приближи на само четири гола разлика, но искусниот состав на Вардар не дозволи камбек, триумфирајќи со конечни 29-31, поставени со два гола на домаќините во последната минута.

MOL-Pick Szeged vs Vardar Skopje

Извонредниот Милиќ беше најзаслужен за оваа голема победа, а во фазата на нападот Македа беше најефикасен со осум гола, пред Душебајев со пет, Горбок со четири и Карачиќ и Тоскиќ со по три погодоци.

Вардар со оваа победа го мина Пик Сегед на табелата, а „црвено-црните“ имаат одлична можност да се искачат и на третата позиција, со оглед на фактот дека во последното коло го пречекуваат испаднатиот Монпелје, додека Некар Левен гостува на Барселона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top