| четврток, 6 декември 2018 |

Остри критики за Грција: Се однесувате како да сте туристичка агенција пропуштајќи бегалци

Австрискиот канцелар Вернер Фајман порача дека Австрија нема да се откаже од својата политика кон азилантите, а Грција ја обвинува дека во однос на прашањето за бегалците се однесува како туристичка агенција.

Тој во интервју за виенскиот весник „Естерајх“ најави дека Австрија ќе се придржува кон горната граница за прифаќање бегалци, која е одредена за оваа година, 37.500.

– Ние не можеме сите бегалци да ги примиме кај нас и тоа како шеф на Владата ќе го застапувам, со сите последици, нагласи Фајман.

Тој за виенскиот весник „Кронер цајтунг“ истакна дека Австрија била примерна во бегалската криза и додаде дека е разочаран што тоа не е признато.

Фајман нагласи дека повеќе не ја разбира политиката на Грција.

– Невозможно е Грција да дејствува како туристичка агенција и сите бегалци да ги пропушта понатаму. Грција минатата година прими 11 илјади бегалци, а ние 90 илјади. Тоа не смее да се повтори, додаде тој.

Во меѓувреме грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас ја обвини Австрија дека шири лаги и оти официјална Виена води политика, која може да поттикне натамошни поделби во ЕУ.

– Требаше многу труд и пожртвуваност ЕУ да се изгради и нема да дозволам за неколку недели и месеци таа да се распадне. Ние на самитот на ЕУ во Брисел донесовме едногласни заклучоци и го сметам за чудно тоа што одлуките, кои сега ги донесоа полициските службеници се поважни од оние на шефовите на државите и владите, порача тој во интервју за виенскиот весник „Пресе“.

На прашањето зошто дошло до дипломатска ескалација меѓу Атина и Виена, тој одговори дека му „пречат лагите“.

– Пред неколку дена се состанаа министрите за внатрешни работи. За време на седницата австриската министерка излегла и рекла дека нејзиниот грчки колега изјавил оти Грција и Фронтекс не се во стостојба да ја штитат границата. Тоа нашиот министер никогаш не го рекол. Меѓутоа исфабрикувани се такви изјави за да бидеме обвинети. Сметам дека тоа не е убаво. Не сакаме никакви самостојни дејствувања, туку разумна соработка меѓу државите од ЕУ, нагласи Коѕијас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top