Швајцарецот Џани Инфантино е нов претседател на ФИФА, откако со 115 гласови беше избран на Вонредниот конгрес на светската куќа на фудбалот кој се одржа во Цирих!
Досегашниот генерален секретар на УЕФА, беше избран во вториот круг од гласањето во Цирих, добивајќи го неопходното мнозинство од најмалку 104 гласови. Инфантино доби 115 гласови од вкупно 207 членки на ФИФА кои гласаа, додека неговиот најголем конкурент Шеикот Салман од Бахреин доби 88 гласови. Во вториот круг Принцот Али Бин Ал Хусеин доби само 4 гласа, додека Французинот Жером Шампања остана без гласови, бидејќи сите негови гласови од првиот круг отидоа кај Инфантино, кој ќе има мандат до 2019 година.
– Премногу сум возбуден. Не знам колку време имам да ги искажам своите емоции. Влегувам во голема фудбалска авантура, но и голема обврска, да ја вратиме довербата во ФИФА. Ќе бидам претседател на сите земји членки и ќе помагам фудбалот да се развива насекаде низ светот. Од сега во ФИФА само фудбалот ќе биде на највисокиот дел од пиедесталот – истакна веднаш по изборот Џани Инфантино.
Како што е познато, Македонија заврши на победничката страна при овој избор на нов претседател на ФИФА. Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски отворено од претходно, заедно и со останатите челници на балканските фудбалски сојузи, ја најави поддршката за Џани Инфантино.
Претходно во првиот круг од изборот, Инфантино имаше 88 гласа, додека Принцот Салман доби 85 гласа, по што се отиде на второто гласање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.