| четврток, 6 декември 2018 |

Александар Јордановски од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ ќе нѐ претставува во Израел

ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ повторно е на пат да освои уште една награда на голем натпревар.

По минатогодишниот успех со виолинистката Ева Богоевска на фестивалот „Сан Ремо јуниор“, овој пат на фестивал во Елат, Израел во периодот од 23 до 30 април ќе се одржи натпреварот „Sea Joy’s“, на кој ќе настапи ученик од IV година средно образование.

Станува збор за виолистот Александар Јордановски, кој учи во класата на Бојан Талески. Александар е веќе докажан виолист, кој има настапувано со Македонската филхармонија, добитник на бројни државни и меѓународни награди, а минатата година беше на семинар во Италија кај светски познатиот виолист Јури Башмет, каде што имаше можност да настапи на концерт со пијанистот на Башмет-Михаил Мунтијан.

На фестивалот „Sea Joy’s“ Александар премиерно ќе ја изведе композицијата Рондо за виола и пијано, која специјално за оваа пригода ја напиша нашиот познат композитор Живоин Глишиќ.

viola2

Директорот Јован Бицевски е посебно горд што по успехот и славата што ја постигна лани Ева Богоевска, оваа година ќе има можност светската, а со тоа и македонската јавност да запознае уште еден ученик од државното музичко училиште во Скопје. Освен тоа што пошироката јавност ќе запознае уште еден ученик, директорот Бицевски посебно го радува поддршката што повторно ја имаат од Министерството за култура на Република Македонија, кое несебично инвестира во создавањето нови млади музички имиња во класичната музика, но и создавањето нови композиции за виолина и виола кои се базираат на македонски традиционални теми и ќе останат засекогаш да се изведуваат од наши, но и странски музичари.

-Ако минатата година светската и македонската јавност ја запозна виолинистката Ева Богоевска, сега истите тие ќе го запознаат виолистот Александар Јордановски, а не ја исклучувам можноста по враќањето од Израел да организираме заеднички концерт на Ева и Александар – вели директорот Јован Бицевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top