| четврток, 6 декември 2018 |

Фајман: Грција е на надворешната граница на ЕУ, а не Австрија

Австрискиот канцелар Вернер Фајман во врска со заладувањето на односите меѓу Виена и Атина порача дека не Австрија, туку Грција е на надворешната граница на Европската унија, како и дека Австрија морала да стане активна, бидејќи нема европско решение, пренесува МИА.

fajman

Тој во интервју за виенскиот весник „Курир“ изјавил дека Грција не може да бара од Австрија да прими 200 илјади луѓе или повеќе.

– Грција минатата година прифатила 11 илјади лица кои барале азил, а Австрија 90 илјади. Грција, а не Австрија се наоѓа на надворешната граница на ЕУ и таму би требало да функционира распределувањето, порачал Фајман.

Австрија, според него секогаш била за европско решение, но тоа не било донесено навреме, па затоа морала самостојно да стане активна.

– Австрија на балканската рута е првата земја низ која бегалците не транзитираат само, туку сакаат и да останат. Се додека тоа е така и Австрија ги прифати сите, другите земји можат и натаму да спијат. Исто така расположението во Германија е променето. Минатата година луѓето стоеја на станиците држејќи транспаренти за добредојде, а тоа денес не може да се види. Ние во Австрија не можеме да го применуваме правото на азил за цела ЕУ, рекол Фајман.

Со тоа тој ја образложил одлуката за одржување конференција со земјите од Западен Балкан, која наиде на критики од Грција и Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top