
Дебатата за можноста за помилување на претседателот се чини дека е омилена на СДСМ, а ставовите се менуваат според моментите, односно дадените услови. На пример, кога претседател на државата беше Борис Трајковски, СДСМ во 2003 година со помош на структури кои и денеска ја следат во политиките, како Хелсиншкиот комитет, се бореа да му се одземе правото за помилување, а потоа законски да се врати на следниот претседател, под претпоставка дека ќе биде од СДСМ.
Колку ваквите дејствија се издржани, уште тогаш кон нив критика упати дури и Љубомир Фрчкоски, преку своите колумни во весникот „Дневник“.
„Не можам да не почнам со две брилијантни идеи на СДСМ и Хелсиншкиот комитет околу предострожностите со член 11 од Законот за помилување . Замислете си што им текнало на експертите од овие два табора: прво (предлог на СДСМ) да се укинел членот 11 кој му дава право на претседателот да помилува без вообичаената процедура за да овој претседател не го злоупотребувал, а подоцна кога ќе дошол друг претседател (веројатно некој од СДСМ) тој член можел и да се врати ??? Со што веројатно сметаат дека докажуваат дека не мислат да ја кршат уставната положба на поделените власти, туку само педагошки го казнуваат конкретниов претседател. Браво бе експерти! Вие правите поголема грешка од сите до сега: персонално дизајнирајќи закони: за овој или за оној претседател. Па ова е невиден напредок за правната држава. Којзнае каде ќе ви биде крајот на инспирацијата. Вие сте како онаа ТЕТКА која ја крие теглата со џем од детето кое ја јаде неконтролирано. Кога ќе порасне и ќе се опамети, ќе му ја симне од горните полици на шпајзот.“

„Оној несреќен Хелсиншки комитет предлага МИРУВАЊЕ на институтот ПОМИЛУВАЊЕ до истекот на мандатот на овој претседател ( ако го добие и другиот мандат тогаш и “даље”) за да не го злоупотребел! Па, помилувањето не е измислено ВИЕ да се играте со него, ниту да се натегаат со него институциите на власта – тоа е “право” на осудените лица или оние кои се гонат. Дали вие се ставате во положба да им го ускратите тоа право (затоа што евентуално се сомневате дека во некој случај е злоупотребено тоа средство-право)? Вие наместо заштита и промоција на правата истите предлагате да се укинуваат, суспендираат, што инстантно ве трансформира во (демир) ХИСАРСКИ комитет ?“- анализира Фрчкоски во колумната „Тегла џем“.
Кога сепак смената на претседателите се случи онака како што претпоставуваа во СДСМ, по Трајковски во претседателскиот кабинет седна Бранко Црвенковски, ставовите во опозицијата се променија. Црвековски дури беше и поздравуван заради аболицијата на сегашниот партиски лидер Зоран Заев.

На почетокот на 2009 година, пак, се предлагаат измени со кои се намалува опсегот на претседателот во однос на помилувањето, во оние делови кои сега повторно се вградуваат во ингеренциите. Тогаш, СДСМ заедно со капацитетите на СОРОС тврдеа дека ограничувањето на правото за помилување е противуставно. Во таа насока се правеше и медиумска кампања, како на пример текстот во Утрински весник од 4 јануари 2009 година на Гордана Дувњак, познат поддржувач на политиките на СДСМ. Текстот е насочен токму во насока на барање на она што се случува деновиве, и е реакција на иницијативата на измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Со тие предложени измени помилувањето за изборни инциденти би се оневозможело, што жестоко беше напаѓано како против уставно.
Денес, по 7 години, истите манипуланти во и вон СДСМ изигруваат загрижени за истата работа која што ја прикажуваат уставна или противуставна во зависност од условите. Денес соросовата мрежа на невладини организации организира протести против прифаќањето на иницијативата за испитување на уставноста, на истиот закон кој на пример го бараа со Хелсиншкиот комитет, а потоа ја коментираа како длабоко навлегување во надлежностите на функцијата претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


