| четврток, 6 декември 2018 |

Во книжарницата на „Магор“ продолжува саемскиот попуст

Попустот на сите изданија на Магор што важеше за време на саемот на книга продолжува да важи до крајот на месец април во кафе-книжарницата Магор.

-Во рамки на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ ги истакнуваме делата на Оскар Вајлд, Труман Капоти, Алесандро Барико, Саикаку Ихара, Александар Пушкин, Шодерло де Лакло, Владимир Набоков,  Андре Малро, Карлос Фуентес, Кензобуро Ое, Бернард Маламуд итн.
Првпат на македонски читателите имаат можност да ги прочитаат ремек-делата на светската книжевност: „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло, Дарба од Набоков, Смртта на Артемио Круз од Фуентес, Ладнокрвно убиство од Труман Капоти, Животот на една вљубена жена од Саикаку Ихара, Мајсторот од Бернард Маламуд итн.- најавуваат од Магор.

Нови 11 книги се објавени во едицијата „Нобеловци“ помеќу кои„ Мистерии“ од Кнут Хамсун, „Џез“ од Тони Морисон, „Пустина на љубовта“ од Франсоа Моријак, „Пијанистка“ од Елфриде Јелинек, „Шест ликови бараат автор“ од Луиџи Пирандело.

Во едицијата „Европски калеидоскоп“ објавени се „Книга од десет реда“ од Судабе Мохафез и „Црната кутија: утопија за дополнителната стварност“ од Владислав Бајац. До крајот на годината едицијата „Европски калеидоскоп“ ќе биде надополнета со уште седум нови наслови.

Прозната едицијата „Протеј“ е збогатена со новелата „Гулабот“ на еден од најчитаните германски автори Патрикт Зискинд.

Филозофската едиција „Монади“ е проширена со два класични филозофски наслови: „Материја и меморија“ од Анри Бергсон и „Освојување на среќата“ од Бертранд Расел.

Од домашните автори го истакнуваме интересниот писателски проект на Тања Урошевиќ и Влада Урошевиќ – книгата Разменување на пораки ­– во кој двајцата писатели пишуваат различни раскази тргнувајќи од иста раскажувачка позиција.

Сите книги се понудени со саемски попуст од 30% до 70%.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top