Македонскиот бизнис-сектор е загрижен од дополнителното вжештување на политичката криза во земјава, која и онака трае веќе подолго од една година. Дел од бизнисмените не очекуваат брза разврска, туку се подготвуваат за броење на штетите, пренесува Утрински весник
-За очекување е дека севкупно, политичката неизвесност ќе има влијание врз работата на бизнисите, поради силната корелација што психолошкиот аспект и неизвесноста ја имаат врз деловните потфати и економијата во целина. Ние веќе имаме најави од одредени наши членки дека планираните инвестиции ќе се одложат за периодот по изборите и стабилизација на политичката клима во земјата. Колкави ќе бидат последиците не можеме во моментот со точност да кажеме, но најдобра слика ќе добиеме по првото тримесечје- изјави Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
На нашето прашање каква порака има бизнис-заедницата до власта и до политичарите, односно што треба тие да направат за да има поволен амбиент за бизнисот во земјава, од оваа комора велат дека за компаниите сега е многу битна државната помош.
-Многу битна е државната помош во областа на ослободување од даноци на старт-ап или на специфични сектори, полесен пристап до финансиски средства со ниски камати, планирање на државни квоти за набавка на бизниси кои се менаџираат од младите, од луѓето со инвалидитет, со што и овие категории ќе ги мотивираме да останат во државава, а истовремено ќе имаме посилни мали и средни претпријатија кои се двигател на светската економија или на националните економии поединечно- вели Хоџа.
И други бизнисмени и аналитичари се свесни за штетното влијание на политичките превирања врз економските прилики на земјата.
-Политичката нестабилност многу негативно ќе се одрази и од неа сигурно ќе настрада македонската економија, стопанството, и на крајот најголеми штети ќе имаат обичните граѓани. Политичката криза ќе има многу лошо влијание врз бруто-домашниот производ на земјава, врз зголемување на дефицитот во меѓународната трговска размена, и најнегативно ќе влијае врз стандардот на обичните граѓани, и тоа најсиромашните. Тие ќе претрпат најголеми штети, бидејќи, познато е дека се кине таму каде што е најтенко- вели Зоран Витанов, претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија.
Тој вели дека прво каде што „удира“ политичката криза, се странските директни инвестиции, потоа ќе достасаат за враќање и долговите на државата, за кои ќе нема извори од каде да се отплаќаат, а земјата може да западне во голема неликвидност. -Станува збор за досега невидена политичка неодговорност на македонската политичка сцена- вели Витанов.
Инаку, за годинава Владата во буџетот предвиде раст на бруто-домашниот производ од 4 отсто, сметајќи тогаш дека економијата има здрава подлога од минатата година и дека нема да биде проблем тој пораст на економската активност и реално да се оствари. Но, дел од бизнисмените и експертите велат дека очекувањата се оптимистички .
Рејтинг агенцијата „Фич“, пак, очекува дека земјава ќе има пораст од 3,6 отсто во текот на оваа година. Неодамна Европската комисија излезе со проценка дека нашиот БДП годинава ќе оствари раст од 3,3 отсто, додека, пак, Светска банка за годинава очекува пораст од 3,4 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Митровски: Државата овозможува мултимилионски бизнис со канабис, а граѓаните ги гони како криминалци
-
Работното време ѝ поминува на гробишта: Македонка со успешна бизнис-приказна
-
Нова криза на Балканот: Ерјавец: Хрватската полиција го крши суверенитетот на Словенија
-
Си направи бизнис со џимиринки: Со влог од 500€ заработува милиони